Врз основа на член 12 став 2 од Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 21/24 и 14/25) и член 2 од Правилникот за начинот на спроведување на конкурсот за стипендирање на студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 13/25), Министерството за образование и наука распишува
К О Н К У Р С
ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ НА СТУДИСКИ ПРОГРАМ ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЗА АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ВТОР ЦИКЛУС ВО ЗЕМЈАТА ЗА АКАДЕМСКАТА 2025/2026 ГОДИНА
Заради стимулирање на дипломираните студенти за запишување на втор циклус на студиски програми по македонски јазик, Министерството за образование и наука за академската 2025/2026 година ќе додели 7 (седум) стипендии на редовни студенти запишани на студиски програми за изучување на македонскиот јазик на студенти на студии од втор циклус.
I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА:
Кандидатот кој ќе конкурира треба да ги исполнува следните услови:
1. Да има завршено академски студии од прв циклус во траење од три, односно четири години и постигнат просечен успех од 8,00 или да има нострифицирано диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,00.
2. Да е запишан на академски студии по македонски јазик од втор циклус, прв пат во прва година во академската 2025/2026 година,
3. Студиската програма на која е запишан кандидатот да е акредитирана и да има решение за работа;
4. Да е државјанин на Република Северна Македонија
5. Да не е корисник на стипендија од други даватели;
II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:
· Пријава;
· Диплома за завршени академски студии од прв циклус и уверение за постигнат успех или нострифицирана диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство;
· Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен првпат во прва година на академски студии од втор циклус во академската 2025/2026 година, од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите;
· Изјава на кандидатот дека доставените документи се вистинити и податоците се идентични со оние податоци внесени во електронската пријава.
· Изјава за обработка и користење на личните податоци на кандидатот.
Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:
Висината на стипендијата за студии од втор циклус во земјата изнесува 9.000 денари, за девет (9) месеци во текот на академската година на која се запишале студентите, со завршени академски студии од прв циклус во траење од четири години односно за осумнаесет (18) месеци за студентите со завршени академски студии од прв циклус во траење од три години.
IV. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ
1. Избраниот кандидат со договор се обврзува дека ќе ги врати доделените средства доколку најдоцна до пет години од потпишувањето на договорот не магистрира.
V. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk заклучно со 09.01.2026 година.
VI. ОБЈАВА НА РЕЗУЛТАТИТЕ
Списокот на кандидати на кои им се доделува стипендијата ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk
Некомплетните документи нема да се разгледуваат.
Информации за условите и критериумите под кои ќе се доделуваат стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука, лице за контакт: Богољуб Ниниќ, е-маил адреса: bogoljub.ninic@mon.gov.mk, канцеларија бр. 1408 или на телефон 02/3140-183.
¹Министерството за образование и наука по службена должност обезбедува податок за доказ за државјанство на Република Северна Македонија од Министерство за внатрешни работи.