Врз основа на член 49 став 5 од Законот за студентскиот стандард (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/13, 120/13, 41/14,146/15, 30/16, 178/16 и 64/18 , 20/19 и “Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/19, 248/20, 302/20 и 235/24) и Решението за распишување на Конкурс за доделување стипендии на редовни студенти Роми запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2026/2027 година бр. 19-12247/1 од 02.10.2026 година, Министерството за образование и наука, распишува
КОНКУРС
за доделување 150 стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2026/2027 година
Министерството за образование и наука за студиската 2026/2027 година ќе додели вкупно 150 (сто и педесет) стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКА СТИПЕНДИЈА ЗА СТУДЕНТИ РОМИ
Право на стипендија имаат студентите запишани на студии од прв циклус кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовните установи во Република Северна Македонија и кои ги исполнуваат следните услови:
1. Да се редовни студенти;
2. Да се припадници на ромската етничка заедница;
3. Да се државјани на Република Северна Македонија;
4. Да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании.
II. КРИТЕРИУМИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКА СТИПЕНДИЈА ЗА СТУДЕНТИ РОМИ
Стипендиите за студенти Роми ќе се доделат согласно следните критериуми:
1. Постигнатиот среден успех на кандидатот од сите години од средното образование, за студентите кои се запишани во прва година на додипломски студии од прв циклус;
2. Постигнатиот среден успех од претходната студиска година за студентите кои студираат во сите останати години на додипломски студии од прв циклус;
3. Да се редовни студенти на некој од јавните или приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2026/2027 година;
4. Предност при селекција ќе имаат студентите Роми кои студираат на јавните или приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија кои образуваат наставен кадар.
При рангирањето на кандидатите запишани во прва година на високообразовните установи, предност имаат кандидатите кои имаат повисок општ успех од завршеното средно образование и при рангирањето на кандидатите запишани во сите останати години, предност имаат кандидатите кои имаат повисок просечен успех остварен во текот на студирањето.
Студентите кои во студиската 2025/2026 година биле корисници на стипендија од Министерството за образование и наука, а не запишале нареден семестар или повисока студиска година, немаат право на стипендија во академската 2026/2027 година.
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата изнесува 6.000 денари месечно за девет (9) месеци во текот на студиската 2026/2027 година.
IV. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk од 12.10 до 26.10.2026 година
Потребните документи за аплицирање се следните:
A) За студенти запишани во прва студиска година потребни се следните документи:
1. Оригинал потврда за редовен студент во студиската 2026/2027 година (скенирана);
2. Скенирани оригинални свидетелства од сите 4 години од средно образование;
3. Скенирано уверение за државјанство на Република Северна Македонија;
4. Трансакциска сметка на име на студентот (скенирана);
5. Потврда од ромски регионални здруженија/организации/невладини од местото на живеење на студентот, со која се потврдува дека ученикот е припадник на ромската етничка заедница (скенирана)
Б) За студентите од сите останати студиски години, потребни се следните документи:
1. Оригинал потврда за редовно запишан зимски семестар за студиската 2026/2027 година (скенирана);
2. Скениран индекс (сите страни);
3. Оригинал уверение за положени испити од претходните години кое го издава факултетот (скенирано);
4. Заверен образец „УППИ“ во форма и содржина објавен на интернет порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk (го пополнува и заверува факултетот);
5. Скенирано уверение за државјанство на Република Северна Македонија;
6. Трансакциска сметка на име на студентот (скенирана);
7. Потврда од ромски регионални здруженија/организации/невладини од местото на живеење на студентот, со која се потврдува дека студентот е припадник на ромската етничка заедница (скенирана).
Министерството за образование и наука, согласно своите законски надлежности, го задржува правото по службена должност да изврши проверка на точноста на доставените податоци и документација од точка I на Конкурсот, преку расположливите официјални евиденции и институционални механизми, со цел обезбедување на законито, транспарентно и правилно спроведување на постапката за доделување на стипендии за студенти припадници на ромската етничка заедница.
V. ОБЈАВА НА РЕЗУЛТАТИТЕ
Списокот на кандидати на кои им се доделува стипендија ќе биде објавен на 26.11.2025 година интернет страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.
Студентите кои ќе добијат стипендија ќе добијат решение за правата и обврските од користењето на стипендијата на профилот преку кој ја поднеле апликацијата за стипендија, во делот „Мои апликации“ на порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk.
Некомплетно пополнетата апликација нема да се разгледува и истата нема да влезе во конкуренција со останатите кандидати кои се пријавиле на Конкурсот.