Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Конкурс за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус за пан-европската извршна МБА програма на Универзитетот Јорк за академската 2026-2027 година

Министерство за образование и наука Министерство за образование и наука

Врз основа на Протоколот за соработка за доделување стипендии „Борис Трајковски” со архивски број на Министерството за образование и наука бр.15-7867/1 од 12.6.2026 година од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, и согласно член 52 став 3 од Законот за научно-истражувачка дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2008, 103/2008, 24/2011, 80/2012, 24/2013, 147/2013, 41/2014, 145/2015, 154/2015, 30/2016 и 53/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/2020, 163/2021, 64/2024, 235/2024 и 144/2025), Министерството за образование и наука распишува:

 

 

КОНКУРС

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ” ЗА СТУДИИ ОД

ВТОР ЦИКЛУС ЗА ПАН-ЕВРОПСКАТА ИЗВРШНА МБА ПРОГРАМА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ЈОРК ЗА АКАДЕМСКАТА 2026/2027 ГОДИНА

 

Уписнина за 20 студенти за вонредни двегодишни студии од II (втор) циклус во рамки на Пан-европската извршна МБА програма со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур која се реализира во Солун, Грција, во рамките на стипендиите „Борис Трајковски“, и тоа за следните насоки:

 

§ Општ менаџмент

§ Маркетинг

§ Финансии

§ Менаџмент во логистика

§ Менаџмент во здравство

§ Менаџмент на човечки ресурси

 

На овој Конкурс може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис менаџери вработени во компании од приватниот и од јавниот сектор.

 

Средствата за стипендиите ќе се доделуваат како што следува:

За најдобрите 10 (десет) кандидати според критериумите наведени во конкурсот:

1. 50% од уписнината ќе биде покриена од Универзитетот (7.445 евра/студент),

2. 50% од уписнината ќе биде покриена од Министерството за образование и наука (7.445 евра/студент).

 

За останатите 10 (десет) кандидати според критериумите наведени во конкурсот за доделување на стипендиите:

 

1. 50% од уписнината ќе биде покриена од Универзитетот (7.445 евра/студент),

2. 50% од уписнината ќе биде покриена од кандидатот и ќе се плаќа на рати во текот на 2 години (7.445 евра/студент).

 

Европскиот кампус на Универзитетот Јорк на избраните кандидати ќе им достави понуда и план за плаќање на уписнината рати. Кандидатите кои ќе ја прифатат понудата ќе потпишат договор за стипендија со Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.

 

Вкупната уписнина за МБА програмата е 14.890 евра по студент.

 

Пан-европската извршна МБА програма е предвидено да се реализира за време на викенди со физичко присуство на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, во Солун, Грција. Корисниците на стипендии треба да патуваат во Солун најмногу до еден викенд во месецот во период од две години и да учествуваат на студиските посети во траење од три недели: а) една недела на Универзитетот Јорк, Обединето Кралство, б) една недела на Универзитетот во Стразбур, Франција и в) една недела во Солун, Грција. Сите предавања ќе

бидат на англиски јазик. По успешно завршување на дуалната МБА програма, студентите ќе добијат 2 (две) дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација и тоа од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур.

Стипендиите (и целосните и делумните) ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите трошоци за студирањето (како патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на студентот.

Стипендиите се наменети за кандидати кои ќе можат физички да присуствуваат на викенд предавањата и не се предвидени за студиски програми кои се испорачуваат онлајн.

 

УСЛОВИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

 

Кандидатите кои ќе конкурираат треба да ги исполнуваат следните услови:

· Да имаат завршено академски универзитетски студии од прв циклус;

· Да имаат работно искуство од минимум 3 години;

· Да имаат одлично познавање на англискиот јазик (TOEFL сертификат со резултат 89 кога се полага преку интернет или IELTS со резултат 6,5 или нивен еквивалент). Кандидатите кои имаат завршено средно образование, додипломски или постдипломски студии на англиски јазик не се обврзани да приложуваат ваков сертификат. Кандидатите кои не поседуваат еден од горенаведените сертификати, ќе бидат тестирани од страна на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк во Скопје на датум и локација за кои дополнително и навремено ќе бидат известени.

 

Како критериуми за избор ќе се сметаат:

1. Степенот на стекнато образование и просекот. Кандидатите кои имаат магистратура или докторат во која било област ќе имаат предност при изборот;

2. Како предност при изборот на кандидатите ќе се смета квалитетот и времетраењето на работното искуство, како и нивото и времето поминато на менаџерски позиции кои кандидатот ги имал во текот на работното искуство,

3. Нивото на познавање на англискиот јазик.

 

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

· Пријава ;

· Пополнет формулар за аплицирање;

· Превод на англиски јазик од овластен преведувач од дипломата за завршени академски студии од прв циклус (односно втор или трет циклус, доколку кандидатот ги поседува) и од уверението за положени испити со оценки и просечен успех;

Доколку дипломата за завршени академски студии од прв циклус односно втор или трет циклус, доколку е применливо) и уверението за положени испити со оценки и просечен успех се издадени на англиски јазик, се доставуваат фотокопии заверени на нотар;

· Фотокопија од сертификатот за познавање англиски јазик, заверена на нотар;

· Една писмена препорака (во запечатено и потпишано плико);

· Биографија на англиски јазик;

· 4 фотографии (во големина за пасош).

 

 

ИЗБОР НА КАНДИДАТИТЕ

 

Изборот на кандидатите ќе се изврши од страна на заедничка Комисија составена од по еден претставник на потписниците на Протоколот, во согласност со методологијата на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк и законските прописи на Република Северна Македонија.

 

Сите документи се приложуваат во три (3) примероци (еден оригинал и две фотокопии).

Краен рок за пријавување: 31 јули 2026 година.

 

Документите е потребно да се достават на следната адреса:

Министерство за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј” бр. 54 (зграда на Нова Македонија, Архива-приземје), 1000 Скопје со назнака „Стипендии Борис Трајковски”. Лица за контакт: anastasija.trajkovska@mon.gov.mk и marija.nikovska@yorkeuropecampus.eu

Мени за пристапност