Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик министерот Сулејмани се обрати на меѓународната научна агро-бизнис конференција „АГРОМАК 2026“

Заменик министерот Сулејмани се обрати на меѓународната научна агро-бизнис конференција „АГРОМАК 2026“

Клучниот фактор за конкурентност и одржливост на земјоделството во услови на климатски промени и зголемена глобална конкуренција, е инвестирањето во наука и истражувања. Оваа Влада е решена постојано да ги зголемува средствата за финансирање на научно - истражувачки проекти. Лани со 6 милиони евра буџетски средства ги помогнавме истражувачките и иновативни проекти, од кои еден дел се поврзани со земјоделството. 

Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани на отворањето на Втората меѓународна научна агро-бизнис конференција „АГРОМАК 2026“, на која бројни научни работници, професори и практичари разменија мислења за предизвиците и можностите на агро-бизнисот, иновациите и одржливото земјоделство.

Македонија, во земјоделството, е увозно зависна земја и покрај тоа што има над 280 сончеви денови во годината, доволно водни и ред други ресурси. Од друга страна, Стратегијата за паметна специјализација, како документ кој ја дефинира насоката на економскиот и научно-иновацискиот развој на државата, го лоцира Паметното земјоделство и производството на храна со повисока додадена вредност, како  приоритетна област за развој.

Заменик министерот рече дека ова е јасен сигнал дека земјоделството мора да се третира како стратешка гранка, во која треба системски да вложуваме за да се модернизира, преку нови технологии, дигитализација и ефикасно користење на ресурсите.

„Потребно е вложување во научни истражувања и иновации, кои ќе донесат нови решенија за климатските предизвици и за глобалната конкуренција. И, веројатно најважно, потребно е да создадеме нови генерации стручни кадри кои ќе ја водат оваа гранка напред. Како Министерство за образование и наука, веќе работиме на овој план“, додаде Сулејмани.

Кадрите за земјоделството се образуваат во средните земјоделски училишта, на факултетите и преку специјализираните програми поврзани со земјоделството. Министерството за образование и наука обезбедува стипендии за средношколци и за студенти, да го поттикне интересот за овие струки. Студентите запишани на додипломски студии од прв циклус на земјоделски факултет на сите универзитети и високообразовни установи во државата, добиваат највисока месечна стипендија од 18.000 денари. Тоа е порака дека како држава го вреднуваме земјоделството и сакаме да ги задржиме младите во овој сектор.

„За да направиме покрупен исчекор во земјоделството, меѓународните конференции како оваа се значајни како можност за размена на знаење и искуства, како и за градење партнерства“, додаде заменик министерот за образование и наука.

Мени за пристапност