Технологијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција темелно го менуваат начинот на кој учиме, предаваме и ги подготвуваме младите за предизвиците на иднината. Затоа, како Министерство за образование и наука, посветено работиме на спроведување реформи кои ја зајакнуваат дигиталната инфраструктура во образовните институции, развојот на современи платформи за учење, унапредувањето на дигиталните компетенции на наставниците и учениците, како и одговорната примена на вештачката интелигенција во воспитно-образовниот процес.
Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани, за време на посетата на Самитот за образовни технологии на Турција, на кој учествуваа министри и заменици министри за образование од повеќе од 20 земји од светот.

- Сепак, технологијата не може да го замени наставникот, туку може да биде моќен партнер во создавањето поквалитетно, поинклузивно и поперсонализирано образование за секој ученик, рече Сулејмани, додавајќи дека учеството на владина делегација на самитот е одлична можност за размена на искуства, претставување на најдобрите практики и воспоставување нови партнерства со пријателски земји, зајакнувајќи ја меѓународната соработка во областа на образованието, науката и иновациите.

Верувам, потенцираше тој, дека само преку соработка, размена на знаење и инвестиции во технологијата можеме да изградиме образовен систем кој ќе одговори на барањата на 21 век и ќе ги подготви младите генерации за поконкурентна и поиновативна иднина.