Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик-министерот Дритон Сулејмани учествуваше на активностите по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука

Заменик-министерот Дритон Сулејмани учествуваше на активностите по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука

По повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, учествуваше на повеќе културни, научни и образовни настани, организирани во чест на еден од најзначајните настани во албанската национална историја – Битолскиот конгрес од 1908 година.

Во рамките на културно-научната манифестација „Денови на азбуката 2026“, заменик-министерот Сулејмани учествуваше на меѓународната научна конференција „Состојбата со учебниците во Република Северна Македонија“, организирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. Во своето поздравно обраќање, тој ја истакна важноста од континуирано подобрување на квалитетот на учебниците, зачувување на јазичниот и културниот идентитет, како и зајакнување на соработката меѓу образовните институции и академската заедница. Посебно внимание беше посветено на образованието на албански јазик во дијаспората и застапеноста на албанската книжевност и културно наследство во учебниците.

Во продолжение на активностите по повод одбележувањето на овој значаен датум, заменик-министерот Сулејмани учествуваше и на конференцијата „Битолскиот конгрес меѓу минатото и сегашноста“, организирана од Агенцијата за примена на јазикот и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Во своето обраќање, тој го истакна историското значење на Битолскиот конгрес во унифицирањето на албанската азбука, нагласувајќи дека одлуките донесени во 1908 година поставиле цврсти темели за развојот на образованието, културата и националната свест. Воедно, ја нагласи потребата од негување и унапредување на албанскиот јазик во образованието, институциите и во сите сфери на општествениот живот.

Активностите по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука продолжија и со свечена манифестација во Основното училиште „Петар Здравковски – Пенко“ во Бутел, на која заменик-министерот Сулејмани присуствуваше заедно со амбасадорот на Република Косово, Н.Е. Флориан Ќехаја, раководството на училиштето, наставниците, родителите и учениците.

Обраќајќи им се на присутните, со посебен акцент на учениците и наставниците, заменик-министерот ја истакна незаменливата улога на училиштето и семејството во зачувувањето и негувањето на мајчиниот јазик. Тој нагласи дека познавањето и правилната употреба на албанскиот јазик претставуваат еден од основните столбови за зачувување на идентитетот, додека изучувањето на други јазици отвора нови можности за развој, соработка и интеграција.

„Азбуката ни ги даде буквите, образованието ни го дава знаењето, а знаењето ни ја дава силата да ја градиме иднината“, беше една од пораките што заменик-министерот Сулејмани ги упати за време на овие активности.

На сите три настани, заменик-министерот повторно ја потврди посветеноста на Министерството за образование и наука кон унапредувањето на образованието на мајчин јазик, подобрувањето на условите во образовните институции, подигнувањето на квалитетот на наставата и обезбедувањето еднакви можности за квалитетно образование за секој ученик.

Одбележувањето на 118-годишнината од Битолскиот конгрес претставува потсетник за важноста на зачувувањето на јазикот, образованието и културното наследство, но истовремено и повик за заедничка институционална и општествена одговорност во образованието и воспитувањето на идните генерации.

22 Ноември – Денот на албанската азбука останува симбол на единството, знаењето и напредокот, како и трајна вредност на нашето историско и културно наследство.

Мени за пристапност