Денес во Битола се одржа втората од најавените шест јавни дебати за новиот предлог Закон за високо образование заедно со наставно – научен кадар од битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ и од охридскиот „Св. Апостол Павле“. Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска заедно со други претставници на министерството ги образложија позначајните новини во предложената законска регулатива, посочувајќи дека законот обезбедува повеќе права и можности за академската и научната заедница, но и за студентите.
Се дискутираше на повеќе прашања кои ги поставија присутните вработени на двата универзитета, а беа разјаснети и низа дилеми кои произлегоа од пласирани неточни информации во јавноста од одредени општествени чинители, чија намера, како што рече Јаневска е да ја намалат ефикасноста на јавната дебата и насочат во друг правец.
„Благодарна сум за секоја забелешка и конструктивна сугестија за унапредување на законското решение. Заедничката работа носи квалитет, така што убедена сум дека ќе донесеме модерен и применлив закон кој ќе го унапреди високото образование и ќе ѝ даде нов импулс на науката во годините што следат“, нагласи министерката.
Јаневска додаде дека по завршување на сите закажани јавни дебати, коментарите ќе бидат сумирани и сето тоа што е издржано ќе биде интегрирано во новиот предлог закон кој Владата ќе треба да го проследи до Собранието.