Изминатиов викенд во средното училиште „Киро Спанџов – Брко“ во Кавадарци во организација на Народна техника на Македонија и СПАТУМ се одржаа манифестациите "МАКИНОВА" и "ЕКОНОВА" кои имаат долгогодишна традиција на обединување на ученици од земјата и регионот преку изработка и промовирање на иновации што го олеснуваат секојдневието, работењето и остварувањето на различни цели.

Поставените штандови на кои учениците ги презентираа своите технички изуми, ги посети министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која разговараше со учениците и нивните наставници ментори за инспирацијата зад идеите и предизвиците со кои се соочиле во процесот на изработка.

Јаневска посочи дека особено ја радува ентузијазмот и креативноста што ја покажуваат младите иноватори, а изрази задоволство од посветеноста на наставниците кои секојдневно ги охрабруваат и насочуваат младите креативно да размислуваат и да делуваат.

„Им честитам на сите учесници за покажаната креативност и труд, а на организаторите за успешната реализација на настаните. Продолжуваме да создаваме можности каде младите таленти ќе можат да растат, да се развиваат и да ги претвораат своите идеи во реалност“, рече министерката.
