Високото образование претставува еден од клучните столбови на економскиот и општествениот развој на државата. Инвестирањето во знаење, иновации и човечки капитал е инвестиција во иднината на државата. Само преку квалитетно образование, тесно поврзано со потребите на економијата, можеме да создадеме подобри можности за вработување на младите и поодржлив развој на нашето општество.
Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани, на панел-дискусијата на тема „Од дипломирање до вработување – како високото образование одговара на потребите на економијата“, во организација на Балканскиот институт за регионална соработка во соработка со Форумот за разумни политики и Институтот за општествени и хуманистички науки.

- Еден од клучните предизвици на образовниот систем е усогласувањето на понудата на високото образование со реалните потреби на пазарот на трудот и економскиот развој на државата. Универзитетите не треба да бидат само институции кои издаваат дипломи, туку центри кои создаваат компетентен и конкурентен кадар, способен да одговори на барањата на современата економија, изјави Сулејмани.
Министерството за образование и наука, потенцираше заменик министерот, спроведува конкретни политики во оваа насока преку зајакнување на соработката помеѓу високообразовните институции, бизнис-заедницата и државните институции, поддршка на студиските програми во дефицитарните области, особено во СТЕМ секторите, како и преку промовирање на практичната настава и развојот на вештини што ги бара пазарот на трудот.