Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Седум децении посветеност на децата со оштетен слух – јубилеј на средното училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“

Седум децении посветеност на децата со оштетен слух – јубилеј на средното училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“

 

Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски” во Скопје одбележува 70 години од основањето а на свеченоста по тој повод се обрати министерката за образование и наука Весна Јаневска, со благодарност до сите кои со својата посветеност, знаење и љубов придонесоа ова училиште да прерасне во столб на инклузијата.

 

„Вашиот труд е отсликан во многу млади луѓе со оштетен слух кои израснаа во самостојни и активни граѓани, целосно интегрирани во општеството. Продолжете со благородната мисија да им помагате на децата да ги остварат своите желби, не гледајќи ги нивните ограничувања,  туку прифаќајќи ги како млади кои имаат потенцијал што треба да се развие. Децата со оштетен слух имаат способности да постигнат исти резултати како сите други деца“, рече Јаневска, нагласувајќи ја важноста на психосоцијалната поддршка во градењето самодоверба кај учениците дека се способни да учат а потоа и да работат како  и секој друг млад човек.

 

Во „Партенија Зографски” учениците се запишуваат во две струки: машинска и текстилна и во два образовни профили: бравар заварувач и конфекционер, што, како што посочи Јаневска, им овозможува да градат работна кариера и да бидат ценети како рамноправни и вредни членови во компаниите каде работат.

 

Министерката потсети на улогата што ја имаат наставниците и стручната служба на училиштето во комуникацијата со родителите на учениците со оштетен слух, како и на улогата на целото општество во прифаќањето на различностите.

 

„Само преку заедничка посветеност, поддршка и промовирање на вредностите на еднаквост и почитување на различностите можеме да прераснеме во општество во кое и децата со предизвици ќе се чувствуваат прифатени и охрабрени да ја изградат својата самостојност и компетенции“, рече министерката Јаневска.

 

Укажа дека Министерството за образование и наука посветено работи на градење поквалитетно инклузивно образование, преку обезбедување обучен кадар, материјално-технички ресурси и специјални помагала. Заедно со Бирото за развој на образованието подготвува наставни програми во кои се вградени современи стандарди, научно засновани практики и иновативни педагошки пристапи, со цел секое дете да добие квалитетно инклузивно образование.

 

„Да не заборавиме дека јубилејот говори за долга и плодна едукативна практика на која како држава сме горди. „Партенија Зографски“ со своите 70 години е доказ дека со образование се гради иднината на поединецот и на државата во целина, а ваша задача е да го продолжите тој пат во служба на нашите деца“, заклучи Јаневска.

 

На свеченоста се обрати и директорката на ДСУРЦ „Партенија Зографски” Слободанка Џеповска.

Мени за пристапност