Над 12 илјади ученици денес го полагаат вториот екстерен испит од државната матура во учебната 2025-2026 година. Тестот по мајчин јазик се реализира во училиштата каде има услови согласно регулативата, а дел од матурантите полагаат во амфитеатрите и предавалните во најблиските факултети.
Увид во полагањето изврши заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани, кој ги посети средните училишта „Цветан Димов“ и „Зеф Љуш Марку“ во Скопје.
„Според сите пристигнати информации, државната матура се одвива согласно сите процедури и протоколи на Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар. Вклучените во имплементацијата обезбедуваат уреден, транспарентен и правичен процес за сите матуранти“, рече Сулејмани.
Потенцираше дека државната матура претставува важен момент, бидејќи е потврда за посветеноста на учениците во текот на школувањето и потврда за знаењето кое тие го поседуваат. Дипломата која ќе ја добијат е услов за продолжување во високото образование и за вклучување на пазарот на труд.