Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Се гради модерна спортска сала во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош

Се гради модерна спортска сала во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош

Започнува градбата на нова повеќенаменска спортска училишна сала во рамки на ООУ „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае. Проектот се реализира со финансиски средства обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, а денеска објектот го посетија премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска и  градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски. Овој современ објект ќе овозможи значително подобрување на условите за спорт и рекреација за учениците и локалната заедница.

Станува збор за спортска сала со вкупна површина од 1.400 квадратни метри, проектирана согласно европските нормативи (EN) и стандардите на меѓународните спортски федерации како ФИБА, ИХФ и ФИВБ. Објектот ќе биде мултифункционален простор наменет за одржување на часови по физичко образование, тренинзи на спортски клубови, спортски школи и официјални натпревари од локален и регионален карактер. Во салата ќе може да се практикуваат ракомет, мал фудбал, кошарка, одбојка, тенис, бокс, борење, пинг-понг и други спортско-рекреативни активности, а предвидена е и изградба на трибини со капацитет од 300 до 400 гледачи.

За министерката за образование и наука, Весна Јаневска, станува збор за многу значаен објект, како за учениците, така и за локална заедница.

„Со изградбата на оваа сала обезбедуваме современ и функционален простор што ќе можат да го користат не само учениците, туку и сите деца од општината и по завршувањето на наставата. Тоа е важно затоа што правилниот раст и развој на младите зависи и од условите што им ги обезбедуваме денес. Ова е инвестиција во нивната иднина, во нивното здравје и добросостојба“, смета Јаневска и информираше дека ова училиште освен спортска сала, ќе добие нови седум училници за да може да се воведе едносменска настава, а изградбата ќе започне во месец март.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Владата останува посветена на поддршка на вакви проекти низ целата држава. „Инвестирањето во училишната и спортската инфраструктура значи инвестирање во здрави генерации и во подобри услови за раст и развој. Со вакви проекти испраќаме јасна порака дека создавањето квалитетна јавна инфраструктура е еден од нашите приоритети“, изјави Мицкоски.

Градоначалникот Лукровски истакна дека изградбата на салата претставува важен чекор во унапредувањето на образовната и спортската инфраструктура во Карпош.

„Создаваме услови учениците да имаат современ и безбеден простор за физичка активност, а спортските клубови да добијат квалитетна инфраструктура за тренинг и натпревари“, изјави Лукровски.

Градежните активности се очекува да завршат до мај. Изведувач на проектот е компанијата „Конструктор“, а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 63.843.523 денари.

Со реализацијата на оваа сала, Влае добива современ спортски простор кој ќе биде во функција на учениците, спортските клубови и пошироката локална заедница, а Општина Карпош продолжува со континуирано унапредување на условите во основните училишта на својата територија.

 

Мени за пристапност