Со инвестиција во вредност од речиси 42 милиони денари, обезбедени преку повикот на Владата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти, денес официјално започна реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни и образовни проекти во Општина Ѓорче Петров – доградбата на ОУ „Јоаким Крчоски“ во Волково.

Станува збор за објект со површина од 541 метар квадратен во кој ќе има 8 нови училници, санитарни јазли, комуникациски ходници, скалишен простор, технички простории, помошни излези, топла врска со постојниот училишен објект и идно функционално поврзување со спортската сала. Со сето ова, училиштето добива и можност за одржување на едносменска настава.
Проектот има особено значење, бидејќи се реализира во година кога училиштето одбележува 80 години постоење и воспитно-образовна дејност во Општина Ѓорче Петров. Рокот за реализација е 12 месеци.

На означувањето на почетокот на градежните активности присуствуваа претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и претставници на училиштето.
