Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Се доградува објект во ОУ „Страшо Пинџур“ во општина Ѓорче Петров, следната година се воведува едносменска настава

Се доградува објект во ОУ „Страшо Пинџур“ во општина Ѓорче Петров, следната година се воведува едносменска настава

Со инвестиција на Министерството за образование и наука од 36,7 милиони денари се  проширува капацитетот на основното училиште „Страшо Пинџур“ во општина Ѓорче Петров. Се доградува нов објект со површина од 700 квадратни метри кој ќе има 6 училници и тоалети и со тоа ќе се создадат услови за воведување на едносменска настава во следната календарска година.

 

Денес на поставувањето камен темелник присуствуваа претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, министерската за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот Александар Стојкоски.

 

„Воведувањето едносменска настава во училиштата е цврста заложба на Владата и на Министерството за образование и наука, затоа што придобивките се бројни - децата се поконцентрирани кога часовите се одвиваат наутро. Се задржуваат повеќе на училиште, што е многу важно со оглед дека нашите ученици имаат 900 часа помалку во споредба со европските врсници до 15 годишна возраст. Понатаму, се овозможува поголема социјализација и се намалуваат трошоците за работа на училиштата, а заштедите можат да се реалоцираат за други корисни цели“, рече министерката Јаневска.

 

Информираше дека минатата година едносменска настава имало во 150 училишта, додека годинава е воведена во 200 училишни објекти. За проширување на овој концепт на работа, ќе се инвестира во зголемување на капацитетите на училиштата.

 

„Продолжувааме со вложувања во образовната инфраструктура и во периодот што следи. Во моментов имаме 30 активни градежни инвестиции како министерство, во вредност од 16 милиони евра, а многу скоро стартуваат и неколку нови, меѓу кои и проширувања на капацитети на постоечки училишни објекти за да овозможиме едносменска настава за што повеќе ученици и наставници“, додаде министерката.

Мени за пристапност