Објектите во кои се организира воспитно – образовниот процес, се суштински за неговиот квалитет. Во добри услови и пријатна средина, мотивацијата за учење е поголема и затоа пред две години Владата и општините се обединија околу еден приоритет - да вложиме во инфраструктурата и да го зајакнеме овој столб на образованието. По две години делата се видливи. Ова училиште е резултат на тие заеднички заложби.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешното пуштање во употреба на новиот објект на основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто во општина Гази Баба, каде заедно со премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот Бобан Стефковски, на учениците и наставниците им посакаа многу успеси и убави спомени.
„Дојде моментот бараките зад нас да заминат во историјата. Со среќа нека се користи новиот училишен објект. Навистина е прекрасен и знам дека ќе биде инспирација и за учениците и за наставниците“, рече Јаневска додавајќи дека Владата и Министерството за образование и наука вложуваат подеднакво во сите региони на државата, затоа што, како што нагласи - сите деца заслужуваат еднаков пристап до квалитетни услови за образование.
„Ќе потсетам дека за две години реализираме 90 проекти во вредност од 70 милиони евра. Половина од средствата се обезбедени преку Министерството за образование и наука и другата половина преку повикот на Владата за финансирање на капитални проекти на општините. Еден таков проект е токму ова училиште и благодарност до градоначалникот што се ангажираше да го подготви, да аплицира за средства и да го опреми објектот. Благодарност и до премиерот кој ја покрена оваа иницијатива – одеднаш да градиме и да изградиме многу нови образовни и спортски објекти на целата територија на Македонија“, додаде Јаневска.
Новиот објект има два спрата со 30 училници и вкупна површина од 3.128 квадратни метри. Вредноста на инвестицијата е 170 милиони денари.