Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Промовиран Водич за вештачка интелигенција наменет за наставници, стручни соработници и ученици

Промовиран Водич за вештачка интелигенција наменет за наставници, стручни соработници и ученици

Министерството за образование и наука и Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип изготвија Водич за вештачка интелигенција кој ќе им помогне на наставниците и стручните соработници полесно да ја совладаат примената и да го пренесат знаењето на учениците, а тие пак, ќе треба да научат етички да ја користат во остварувањето на образовните цели и да се заштитат од можни манипулации и злоупотреби на лични податоци.

 

Денес на прес конференција министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска заедно со деканот на Факултетот за информатика, проф. д-р Сашо Коцески и проф. д-р Зденка Стојановска посочија дека документот е добра основа за постепено навлегување на вештачката интелигенција во основното и средното образование во Македонија.

 

„На 120 страни водичот сеопфатно се осврнува на историјата на вештачката интелигенција и дефинициите за истата, на видовите вештачка интелигенција, како да се применуваат најпознатите алатки на вештачката интелигенција за создавање и уредување текст, за слики и мултимедија, за истражување и учење, како да се користат алатките по одделни области како математика, природни науки, јазици и литература, историја и општествени науки, но и како да се препознаваат можни злоупотреби на податоци“, рече министерката Јаневска.

 

Посочи дека документот содржи препораки за наставниците и стручните соработници, кои ќе треба да научат како најлесно да го пренесуваат знаењето за придобивките и ризиците од користењето на вештачката интелигенција, но исто така и да препознаваат злоупотреби на новите технолошки алатки од страна на младите. За учениците пак, има препораки како етички да ја користат вештачката интелигенција за образовни цели и да препознаваат можни манипулации и злоупотреби на приватноста.

 

„Водичот во електронска форма ќе биде споделен со сите училишта и многу наскоро заедно со факултетот и со Бирото за развој на образованието ќе започнеме обуки за наставниците, односно ќе се обучуваат ментори кои понатаму ќе го пренесуваат знаењето до сите други во училиштата“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до професорите од штипскиот Факултет за информатика за поддршката во воведувањето на вештачката интелигенција во образованието, што како што рече, е сосема логичен и нужен чекор во процесот на дигитална трансформација, кој значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија.

 

Деканот на Факултетот за информатика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Сашо Коцески рече дека вештачката интелигенција се развива со голема брзина. Тешко е, додаде, во еден документ да се опфатат сите работи, па затоа се препорачува да се надоградува водичот. Во оваа првична верзија даден е сеопфатени преглед на повеќе 70 алатки базирани на вештачка интелигенција кои може да се користат во образовен контекст.

 

„Едукацијата е најдобра превенција. Најдобро е да се едуцираат децата, но и наставниците“, рече тој, посочувајќи дека децата имаат пристап до напредна технологија секојдневно, па оттука и пристап до вештачката интелигенција.

 

Линк до Водич за вештачка интелигенција

Мени за пристапност