Поттикнување поголема примена на асистивна технологија во училиштата, заради поефикасен воспитно – образовен процес на учениците со посебни образовни потреби е целта на новиот проект „Застапување за дигитална инклузија“ на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и ЗЕТА – Здружение за попреченост и правда, поддржан од Министерството за образование и наука и амбасадата на Швајцарија.

Проектот беше промовиран денес, а на настанот се обрати и државниот секретар во МОН, Елена Ивановска која посочи дека во изминатиот период министерството направи повеќе важни чекори во насока на обезбедување еднакви образовни можности за учениците со попреченост.
„Со законски измени овозможивме повторно запишување на учениците со комплексни потреби во училиштата со ресурсен центар, со што одговоривме на барањата на многу родители на ученици со попреченост. Но исто така, оваа учебна година ангажиравме и најголем број на образовни асистенти во основното образование – 1.346 и за прв пат 130 во средното образование. Паралелно вложуваме и во унапредување на капацитетите на воспитно образовниот кадар, преку континуирани обуки за концептот на инклузија и за методи и техники на работа“, рече Ивановска.

Од оваа календарска година министерството воведе и нови формули за финансирање на основното и средното образование, во кои е предвидено еден од елементите за зголемени дотации да биде инклузијата, односно средствата за општините се определуваат и во зависност од бројот на ученици со попреченост.

„Приоритет во периодот што следи е подобрување на условите за настава и рехабилитација во шест училишта со ресурсни центри – три во Скопје и по едно во Штип, Ново Село и Битола, за што, веќе се обезбедени финансиски средства. Училиштата темелно ќе се реконструираат, а планирано е и обезбедување на асистивна технологија. Секако, ќе се погрижиме да не ги изоставиме и останатите основни и средни училишта од процесот на опремување со нови технологии, но очекуваме поддршка од поширокото општество, од локалните самоуправи, граѓанските организации, општествено одговорната бизнис заедница и нашите меѓународни партнери. Така што, нека овој проект биде поддршка во реализација на овој значаен приоритет“, нагласи државниот секретар, додавајќи дека не е можно квалитетно инклузивно образование, без развиено инклузивно општество и затоа е потребно обединување на напорите на сите општествени чинители.