Денес на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип се одржа петтата јавна дебата за Предлог-законот за високо образование и Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование. Пред академската заедница, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска ги претстави целите кон кои, како што рече, се насочени новите политики на Владата и Министерството за образование и наука, како и клучните придобивки за наставно-научниот кадар, студентите и за високото образование во целина.
Дел од универзитетските професори и научни соработници изнесоа свои видувања и дадоа предлози за унапредување на содржината на законските решенија.
Јаневска посочи дека по завршување на сите планирани јавни дебати, сè што е аргументирано и прифатливо за работната група, ќе биде интегрирано, по што законите повторно ќе бидат објавени на владиниот ЕНЕР систем пред Владата да ги проследи до Собранието.
Претходно, дебати за законите се одржаа на универзитетите „Мајка Тереза“ и „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола и во Македонската академија на науките и уметностите.