Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани добива затворен базен и четири нови училници

ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани добива затворен базен и четири нови училници

Во основното училиште „Ацо Шопов“ во населбата Радишани во општина Бутел, освен што се прошируваат капацитетите со доградба на четири нови училници, денес започна и изградбата на затворен базен. Станува збор за инвестиција поддржана од страна на Владата во вредност 77 милиони денари, а на поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот Дарко Костовски.

 

„Ова е заедничка заложба на Владата, Министерството за образование и наука и на општина Бутел за унапредување на локалната образовна и спортска инфраструктура. Радишани ќе добие уште една содржина која ќе им биде достапна на младите во секојдневието, за стекнување здрави животни навики, спортување и правилен развој. Ваквите инвестиции имаат значаен удел во севкупните напори на државата за анимирање на младите и оттргнување од пороци и несоодветно однесување“, рече Јаневска.

 

Додаде дека во изградбата на дополнителниот објект во склоп на училиштето, со четири нови училници, се вложуваат 37 милиони денари кои ги обезбеди министерството. Ќе можат да се запишат дополнителни 100-тина ученици и ќе се обезбеди целодневна настава од прво до трето одделение.

 

„Оваа инвестиција во дополнителни простории ќе биде заокружена до септември и заедно со базенот, ќе добиеме еден целосен, модерен образовно - спортски комплекс“, нагласи министерката.

Мени за пристапност