Почнува обуката за наставниците и стручните соработници за Програмата „Вештини за адолесценција“ која ќе се пилотира во 50 основни училишта во седмите одделенија. Дводневните обуки ќе се реализираат од 27 октомври до 14 ноември, на македонски и албански јазик, во Скопје, Струмица, Штип, Прилеп, Кочани и Гостивар.
Бирото за развој на образованието склучи меморандум за соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за спроведување на превентивната програма на Меѓународната фондација на Лајонс клубовите (LCIF), изработена по стандардите на Светската здравствена организација, којашто се имплементира во 107 земји во светот.
Програмата „Вештини за адолесценција“ придонесува за јакнење на социјално-емоционалните вештини кај учениците и има за цел да ги подготви младите адолесценти да не подлегнуваат на врсничкиот притисок, да прават здрави избори и да не користат штетни психоактивни супстанци.