Заменик министерот Дритон Сулејмани присуствуваше на презентација на резултатите од истражување кое ги анализира факторите што влијаат врз постигнувањата на учениците во основното образование на меѓународните тестирања, а кое го спроведе Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.
Сулејмани истакна дека во време кога образованието сè повеќе се оценува според глобални стандарди, ваквите анализи помагаат за обединување на институционалното и академското делување и се од клучно значење за справување со реалните предизвици преку креирање на политики засновани на факти.

Од авторите на истражувањето беше посочено дека главен предизвик за македонските ученици е читањето со разбирање, како и дека младите генерации потешко ги искажуваат своите мислења и имаат проблем да влезат во дискусија за текстовите. Сугерираат поактивна улога на наставниците и примена на пет техники: слушање, читање, раскажување, дебатирање и градење личен став, преку изложување на различни текстови и дијалог за решенија во рамките на секој предмет.
Истражувањето е спроведено во март и април 2025 година, во 10 училишта во две скопски општини со опфат на 1.288 ученици, од кои 703 од четврто одделение и 585 од осмо одделение.