Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Соработка на МОН и „Макпетрол“, нов прирачник против врсничко насилство за училиштата

Соработка на МОН и „Макпетрол“, нов прирачник против врсничко насилство за училиштата

Како дел од својата општествено одговорна кампања „Крени глас против врсничкото насилство“, компанијата „Макпетрол“ издаде нов прирачник за препознавање и справување со врсничкото насилство, наменет за едукација и поддршка на децата, родителите и наставниот кадар, а во соработка со Министерството за образование и наука, истиот ќе биде доставен до основните училишта во земјава. 

„Со повеќе сојузници, полесно се справуваме со предизвикот наречен врсничко насилство. Компанијата Макпетрол ни е важен партнер и веќе две години дава активен придонес во градењето на мирна училишна средина што поттикнува знаење, креативност, иновации и единство, а тоа се темелите за поголем напредок на заедницата. Кампањата „Крени глас“ е една од најефективните спроведени на овие простори, а прирачникот што произлезе од оваа иницијатива ќе биде значајна алатка за превенција и заштита на новите генерации од наметнувањето на погрешни вредности“, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

Во повеќе од 150 основни училишта во 26 општини кои што се приклучија на кампањата на „Макпетрол“ се одржаа 620 работилници на кои присуствуваа над 18.000 ученици.

- Проблемот со врсничкото насилство во нашето општество, а и во светот, е сериозен и пристапот кон решавање на истиот треба да биде долгорочен. Токму затоа, како дел од кампањата на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничко насилство“, од страна на психологот Деспина Стојановска е направен овој прирачник. „Макпетрол“ е компанија која кон секој сегмент од своето работење пристапува долгорочно, па така и кон оваа општествено-одговорна кампања. Во целост, вклучувајќи го и прирачникот, оваа кампања остави печат и постави нови стандарди во општеството за тоа што значи да се биде општествено одговорен. Ми претставува особена чест и задоволство што Министерството за образование го препозна овој успех и што денес одбележуваме почеток на заедничка соработка. Нашата надеж е дека овој прирачник ќе биде успешно искористен во училиштата и ќе обезбеди дополнителна поддршка при развојот на учениците - изјави Марија Јосифовска-Спасовска, главен оперативен директор на „Макпетрол“.

Како психолог кој што директно разговараше со учениците во текот на работилниците, Деспина Стојановска имаше увид за тоа каква е нивната меѓусебна комуникација, какви се односите и какви се размислувањата, не само во поглед на булингот, но и за низа други прашања. Врз основа на тоа практично искуство таа и го напиша прирачникот и истиот е одобрен од Бирото за образование, како и од Министерството за образование и наука. Освен на македонски, прирачникот е објавен и на албански, турски, српски и на бошњачки јазик.

Кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ изминативе две години значително го зголеми интересот на јавноста за овој сериозен проблем. Освен за ученици, беа организирани 17 работилници што ги посетија повеќе од 3,000 родители, се одржаа два големи отворени настани, а интернет-страницата kreniglas.mk и натаму функционира како платформа што содржи информации за подобро разбирање на проблемот со булингот.

Мени за пристапност