Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за нов предлог-лектирен список за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието, активно да се вклучат во дефинирање на современ, инклузивен и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.
Потребата од ажурирање на лектирниот список произлегува од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст.
Предлог-списокот е изработен врз основа на списокот што се реализира во наставата од учебната 2019/2020 година. Одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.
Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби.
Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој.
Списокот е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.
Формуларот за предлог-книга треба да се испрати на следната адреса: bro.macedonia@bro.gov.mk најдоцна до 30 ноември 2025 година.