Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МОН: Средношколската размена меѓу училиштата од Западен Балкан гради младина што создава заедништво а не поделби

МОН: Средношколската размена меѓу училиштата од Западен Балкан гради младина што создава заедништво а не поделби

 

Да се градат партнерства е суштината на програмата Суперучилишта. Кога едно училиште добива партнерско училиште од друга земја, тоа е трајна врска и соработка меѓу двете институции, наставниците и што е најважно – меѓу учениците, рече заменик министерот за образование и наука Дритон Сулејмани на промоцијата на училишна размена во рамки на Шемата за размена на училишта од Западен Балкан, кофинансирана од Европската Унија и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ), а имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

Оваа училишна размена ќе се одвива меѓу средното училиште на Град Скопје - гимназијата „Јосип Броз Тито“ и средното училиште „28 Ноември“ од Скадар, Албанија.

Нагласувајќи дека за учениците, ваквиот вид на соработка е важен како школо за вредности, заменик министерот посочи дека преку размената младите учат за доверба, почит, солидарност како и за отвореност кон различното.

„Тие вредности низ дружењето стануваат дел од нивната личност, што младите ги носат понатаму во животот, во работата, во семејството и во општеството. Така се создаваат генерации што знаат да градат заедништво а не поделби, генерации што умеат да направат компромис и од најголеми разлики. Тоа е посебно важно на овие простори на Западен Балкан, кои можат многу да добијат ако генерациите кои се негова иднина, ги заменат предрасудите со отвореност и заедничко делување“, укажа Сулејмани.

Министерството за образование и наука дава поддршка на вакви програми затоа што отворањето на средните училишта кон нови искуства и градењето мостови меѓу културите и народите, им овозможува на учениците од различни држави да се запознаваат меѓу себе, да растат заедно и да се оформат како граѓани со широк светоглед.

Заменик министерот Сулејмани се заблагодари на RYCO и GIZ за нивната посветеност и упорна работа во промовирањето на интеркултурно разбирање и градење пријателства кај младите генерации кои живеат и учат во регионот на Западен Балкан.

Мени за пристапност