Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерката Јаневска им посака добредојде на бруцошите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Министерката Јаневска им посака добредојде на бруцошите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

На свеченото одбележување на почетокот на академската година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, министерката за образование и наука Весна Јаневска им посака добредојде на новите студенти, нагласувајќи дека тие се најголемиот потенцијал што го има Македонија.

„Овие млади луѓе избрале со високо образование да ги остварат своите амбиции и да се подготват за идните професионални и животни предизвици. Очекуваат да стекнат знаења и да научат вештини што ќе им овозможат успешно да се вклучат во светот на брзи технолошки, економски и општествени промени. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е вистинското место за учење, поставување прашања и истражување. Бидете љубопитни и храбри во потрагата по нови знаења“, рече министерката Јаневска во обраќањето пред студентите, професорите и академската заедница.

Покрај предавањата, колоквиумите и испитите, студентите имаат можност за вклучување во истражувања, научни проекти, академски размени, летни школи и различни обуки, а Јаневска ги охрабри да ги искористат затоа што ќе им отворат нови хоризонти.

„Вие сте идните професионалци, иноватори и лидери кои ќе ја градат иднината на државата. Токму затоа високото образование е еден од нашите најважни приоритети. Во Министерство за образование и наука посветено работиме на создавање подобри услови за студирање, на модернизација на студиските програми, поголема поддршка за науката и истражувањето и на јакнење на врските меѓу високото образование и потребите на пазарот на труд“, посочи министерката Јаневска.

Во оваа насока, спроведени се евалуации на дел од постојните студиски програми, а акредитирани се и повеќе нови, со цел понатамошно усогласување на високото образование со европските стандарди и потребите на општеството.

Со порака дека Министерството ќе продолжи со конструктивна соработка со студентските организации, Јаневска ги повика студентите активно да учествуваат во академскиот живот, да ги споделуваат своите предлози и иницијативи и да придонесуваат во креирањето на подобри услови за студирање, нагласувајќи дека Министерството ќе продолжи да биде нивен партнер во унапредувањето на студентскиот живот и образовниот процес.

Во делот на студентскиот стандард оцени дека се реализираат значајни инвестиции во студентските домови. Два студентски дома во Скопје се темелно и енергетски ефикасно реконструирани – „Стив Наумов“ е веќе вселен со студенти, а наскоро ќе биде отворен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“. Во наредниот период ќе продолжи модернизацијата и на останатите студентски домови во државата.

Јаневска го најави новиот конкурс за студентски стипендии, кој покрај постојните ќе опфати и нови категории на корисници, меѓу кои и студенти со ретки болести и посебни образовни потреби, со цел да се овозможи поголема достапност на високото образование за сите млади.

Посакувајќи успешна академска година, министерката ја нагласи важната улога на професорите во создавањето образовани, одговорни и етички личности кои ќе придонесуваат за развојот на општеството.

Мени за пристапност