Бирото за развој на образованието ги повикува сите заинтересирани чинители – наставници, стручни соработници, директори, ученици, родители, академската заедница и пошироката јавност – да учествуваат во јавната расправа по новиот предлог на Концепција за гимназиско образование.
Новиот предлог е резултат на сеопфатна анализа и вградување на забелешките, сугестиите и предлозите добиени за време на јавната расправа одржана во текот на минатата година, како и од дополнителни стручни консултации. Концепцијата е унапредена со цел појасно да се дефинира улогата и значењето на гимназиското образование во современиот образовен систем.
Предложената концепција го задржува општообразовниот карактер на гимназијата преку силна основа од задолжителни предмети, со кои сите ученици стекнуваат темелни знаења од природните науки, општествените науки, хуманистичките дисциплини и уметностите. Истовремено, се воведува современ и педагошки оправдан модел на структурирана изборност, кој им овозможува на учениците, во одделни сегменти, активно да го обликуваат сопствениот образовен профил според своите интереси, без рана и тесна специјализација.
Особена вредност на концепцијата е можноста за континуирано и продлабочено изучување на избрани предмети, што придонесува за развој на аналитичко и критичко мислење, применливи знаења и клучни компетенции. Моделот е организациски одржлив, применлив во различни училишни контексти и усогласен со современите европски гимназиски практики.
Ги охрабруваме сите заинтересирани да дадат свои мислења, коментари и дополнителни предлози, имајќи ја предвид целокупната функција и значење на гимназиското образование, како општообразовна основа за понатамошно образование и активно учество во општеството, а не од перспектива на поединечни предметни или професионални интереси.
Сите предлози и сугестии може да се достават по електронска пошта на адресата: javnarasprava@bro.gov.mk, најдоцна до 28.02.2025 година.