Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јаневска: Заедништвото се учи, со ОБСЕ градиме мостови меѓу различностите

Јаневска: Заедништвото се учи, со ОБСЕ градиме мостови меѓу различностите

Во Македонија живеат граѓани кои говорат различни јазици, со различна верска и национална припадност, а оваа разноликост е вредност. За да ја зачуваме, треба да ги јакнеме мостовите меѓу нив и постојано да градиме нови. Преку образованието нив ги зацврстуваме, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на завршната церемонија на проектот„Градиме нови мостови“, што ја организираше Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Проектот, кој траеше две години, е продолжение на претходните активности на Мисијата насочени кон меѓуетничка интеграција во образованието, унапредување на демократијата и на социјалната кохезија во државата.

„Преку интегрирано образование и меѓукултурна соработка меѓу младите од основни и средни училишта чиј мајчин јазик е македонскиот, албанскиот, босанскиот и турскиот јазик, преку заедничките наставни и воннаставни активности, заедно градевме меѓусебно разбирање и трајни врски. Овие активности уште еднаш ја потврдија вистината дека децата и младите многу лесно меѓу себе комуницираат, без оглед колку се различни, доколку возрасните тоа им го дозволат“, рече министерката Јаневска.

За успешно спроведување на проектот, покрај поддршката од ОБСЕ и САД, Норвешка, Полска, Холандија и Луксембург, значајни беа партнерствата изградени меѓу училиштата, општините и граѓанските организации.

„Сите заедно, со многу добра воља, умеење но и со средствата на донаторите, успеавме неколку илјади млади да ги изведеме на патот на соработката, разбирањето и пријателството, да им подариме вештини кои понатаму во животот многу ќе им значат лично но ќе оставаат и позитивен отпечаток во средините каде ќе живеат и работат“, посочи Јаневска, заблагодарувајќи им се на придонесот.

Министерството за образование и наука преку образовните политики продолжува со активностите за градење соживот и единство, како темели на заедничката држава.

Мени за пристапност