Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јаневска: стануваат видливи резултатите од научните проекти што ги поддржавме минатата година со буџет од 6 милиони евра

Јаневска: стануваат видливи резултатите од научните проекти што ги поддржавме минатата година со буџет од 6 милиони евра

Со шест милиони евра, минатата година Владата на Македонија ја финансираше имплементацијата на 50тина научно истражувачки проекти од јавен интерес, кои ги реализираат јавните научни и високообразовни установи, Македонската академија на науките и уметностите и бизнис заедницата. Видливо ја раздвиживме науката и денес веќе почнуваме да ги гледаме резултатите од тие проекти.

 

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на  отворањето на меѓународна научна конференција на ЈНУ Институт за интелектуална сопственост - „Интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во македонското општество“, која се организира во рамки на проектот „Фактори на управувањето со интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во Македонија“, финансиран од Министерството за образование и наука.

 

„Во фокусот на овој проект е влијанието на дигиталната трансформација врз правната рамка за заштита на интелектуалната сопственост. Ова е важно да биде предмет на истражување, затоа што брзиот технолошки развој и забрзаната дигитализација отвораат нови можности, но истовремено поставуваат и сериозни предизвици пред постојните правни и регулаторни рамки. Заштитата на авторските права, трговските марки, патентите, трговските тајни и личните податоци добива нова димензија и неопходно е овие процеси да се анализираат системски, научно и во согласност со современите европски и светски тенденции“, рече Јаневска.

 

Министерката нагласи дека истражувањето веќе ја зацврсти релацијата помеѓу науката и носителите на одлуки, со правната професија и со институциите што имаат важна улога во заштитата на интелектуалната сопственост.

 

„Од позиција на министер за образование и наука, горда сум не само на овој, туку и на сите други проекти кои ги поддржавме како Влада во изминатата година. Важни се, затоа што ја потврдуваат улогата на науката како двигател на развојот и како значаен партнер во креирањето јавни политики засновани на научни сознанија и докази“, додаде Јаневска.

 

Потенцираше дека целта на Владата е научноистражувачката работа да создава резултати што ќе имаат реална вредност за институциите, за економијата и за граѓаните. И затоа буџетот за наука е двојно зголемен. Дополнително, овозможен е бесплатен пристап до најпознатите глобални научни бази „Web of science“ и „Scopus“ за сите македонски научници и академски професори. МОН ги покрива трошоците за објава на научни трудови во списанија со импакт фактор, за организација на домашни и за учество на меѓународни научни конференции, како и трошоците за објава на зборници.

Мени за пристапност