На покана на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска се обрати на осмиот конгрес на синдикалната организација, кој денес се одржува во Скопје. На конгресот, согласно агендата, треба да бидат усвоени програмски документи за работа во следниот 5 годишен период и да биде изгласано ново синдикално раководство.
„СОНК е еден од најважните економско - социјални партнери на Владата и на Министерството за образование и наука. Заедно се креирани многу политики. Драго ми е што често добивам предлози и укажувања од вашето членство и раководство, кои многу помагаат во правилното одлучување. Немам замерки на ниту една забелешка, идеја и мислење. Напротив, задоволна сум што секој предизвик го надминуваме заеднички и низ дијалог“, рече Јаневска.
Посочи дека е особено горда што токму во време на нејзиниот мандат е постигната спогодба за долгорочен и реален раст на платите во основните и средните училишта, кој за прв пат е врзан со стапката на инфлација. Потсети дека досега од постигнатата спогодба реализирани се три покачувања на платите во вкупен процент од над 20 отсто.
„Над 300 наставници и стручни соработници во изминатите две години имаа можност за кариерен развој и напредување во звање ментор или советник, додека пак, сите беа опфатени со програмите за професионален развој преку проширен опсег на обуки од страна на Бирото за развој на образованието и другите институции и партнерски организации“, додаде министерката.
Јаневска рече и дека е усвоена нова законска регулатива и Стратегија за образование 2026-2032 во што, СОНК даде значителен придонес.
Владата се потруди да ги подобри условите за работа подеднакво во сите општини низ државата, со обезбеден најголем буџет досега за образование и за капитални инвестиции, при што реализирани се 90 проекти во вредност од 70 милиони евра. Исто така, додаде Јаневска, олеснета е административната работа на наставниците, со обезбеден нов електронски дневник далеку пофункционален од претходниот.
„Добрата комуникација, разбирање и делување се главните фактори што нашето партнерство опстојува и дава резултати. Тоа е и причината поради која верувам дека, независно од исходот на денешниот конгрес и избор на раководство, во позитивна насока ќе продолжиме да работиме и понатаму“, рече министерката, упатувајќи порака до синдикалното членство - градењето на поквалитетен образовен систем и подобрување на резултатите што ги даваат нашите ученици да остане заеднички фокус заради севкупен општествен развој.