Националната стратегија за соработка со Светската здравствена организација во следните пет години ги утврдува здравствените приоритети на државата, кои ќе се реализираат во соработка со СЗО и агенциите на ОН, како УНИЦЕФ и УНФПА, преку клучните владини министерства, институции и граѓанското општество. Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на презентацијата на Првата стратегија за соработка на СЗО со Македонија 2026–2030.
„Здравјето е основа на одржлив развој на секоја држава. Наша цел е да изградиме отпорен здравствен систем, заснован на еднаков пристап, превенција, дигитална трансформација и компетентни човечки ресурси. Неопходно е да ги унапредиме јавните политики за да можат да одговорат на комплексните здравствени предизвици со кои се соочува Македонија. Во реализацијата на оваа важна и одговорна задача Министерството за здравство не е само“, нагласи министерката Јаневска.
Преку подобрување на наставните програми, модернизација на лабораториите и практичните обука, поддршка за континуирана едукација на здравствените работници и соработка со универзитети и здравствени установи, Јаневска укажа дека воспитно-образовниот систем подготвува генерации со знаење, вештини и ставови потребни за препознавање, разбирање и ефективно справување со здравствените предизвици.
„Образованието има суштинска улога во развојот на систем што се грижи за сите и не остава никого зад себе. Училиштето формира вредности на еднаквост, развива чувство за грижа кон ранливите и создава капацитет за препознавање и спречување на насилство, занемарување и повреди, што е еден од приоритетите во Стратегијата“, рече министерката Јаневска.
Таа се заблагодари на Светската здравствена организација за помошта во изготвувањето на Протоколот за реализација на настава во услови на топлотен бран, како и за обуките на околу 700 стручни соработници од основните и средните училишта за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини.
Стратегијата за соработка со СЗО е петгодишен документ дизајниран да ги поддржи нашите национални здравствени цели, обврските поврзани со пристапувањето кон ЕУ, како и глобалните Цели за одржлив развој. Мултиресорскиот пристап кон нејзината реализација е услов за градење здравствен систем што ги следи протоколите, истовремено темелејќи се на вредности како човечност, правичност и грижа.