Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јаневска на одбележување на 65-годишниот јубилеј на ресенската гимназија „Цар Самоил“

Јаневска на одбележување на 65-годишниот јубилеј на ресенската гимназија „Цар Самоил“

 

Со свечена академија беше одбележан јубилејот 65 години гимназиско образование во Ресен, како и патрониот празник на средното општинско училиште „Цар Самоил“. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во обраќањето нагласи дека годишнините се можност да се потсетиме на генерации млади кои овде стекнувале знаења и вештини за да се оспособат за натамошниот живот, но и на нивните учители кои со посветеност, трпение и одговорност ги воделе низ годините.

„Во ова средно училиште наставата се одвива на три јазици — македонски, албански и турски — а преку заеднички проекти и активности, учениците учат да ги препознаваат и ценат различностите, градејќи заедништво и доверба. Сè тоа се важни вредности за да продолжиме да ја градиме нашата држава како праведно, инклузивно и демократско општество, во кое секој млад човек има простор да расте и придонесува“, рече Јаневска.

Во рамки на реформата на гимназиското образование, од оваа учебна година, учениците во прва година работат по нови наставни програми и со нови учебници. Министерката посочи дека по повеќе од 20 години, Министерството понуди нов образовен пристап, кој е насочен кон стекнување применливи знаења, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди. Од следниот септември, реформата во средното образование продолжува во втора година.

„Образованието е наша заедничка одговорност. Ќе оди напред, само доколку сите ние, секој во својот дел на надлежности, биде на висина на задачата. Владата има намера да ги зголемува средствата за образование и оваа година имаме рекорден буџет од 38 милијарди денари, за 6 повеќе од лани. Тоа значи и повеќе пари за плати на наставниците и можности за кариерен развој, повеќе пари за инфраструктурни инвестиции, опрема и дидактички материјали“, укажа министерката Јаневска.

Таа ги охрабри училишните раководства, наставниците и стручните служби да продолжат да образуваат генерации млади луѓе со знаење, етички вредности и граѓанска свест, подготвени одговорно и заеднички да ја градат иднината на својата држава.

Мени за пристапност