Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јаневска се обрати на научна конференција по повод 80 години од стандардизацијата на македонскиот јазик

Јаневска се обрати на научна конференција по повод 80 години од стандардизацијата на македонскиот јазик

 

Јасно е дека културната различност на светот може да биде место на раздор, но и место на средба. Оваа Влада дејствува и ќе дејствува од позиција на третман на културните различности како светско богатство за кое треба да се води исклучителна грижа. Почитувајќи ги сите култури, акцент ставаме на посебната македонска, која значајно придонесува за унапредување на универзалните човечки вредности.

 

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната меѓународна научна конференција „Книжевни проекции, 2025 – година на значајни јубилеи“ во организација на Институтот за македонска литература со поддршка од Министерството за образование и наука, а која е дел од програмата за одбележување на 80 години од стандардизацијата на македонскиот јазик.

 

„Ако ги гледаме бројките, македонската книжевност е „мала“ книжевност. Но, истовремено и голема, ако ја гледаме низ призма на создадените книжевни ремек-дела. Токму затоа што македонските говорители не се многубројни, ние како Влада имаме за цел да ја зголемиме нејзината видливост во светски рамки. Оттука, посебно ни се значајни странските македонисти, кои се културни амбасадори на Македонија во своите средини, за што, сакам да им се заблагодарам за поддршката што во континуитет ја даваат на планот на изучувањето и преведувањето на македонската книжевност. И секако, преведувачите. Нивниот ентузијазам и посветеност се дел од синџирот кој ја доближува Македонија до светот“, рече Јаневска.

 

Конференцијата стави акцент на македонските писатели родени во четвртата деценија од 20 век, бидејќи, како што беше посочено, тогаш се родени многу од авторите што ќе придонесат за жанровската, поетска и стилска разновидност и за развојот на современата македонска книжевност.

 

Министерката изрази уверување дека Владата и МОН и во иднина ќе иницираат и поддржуваат научни настани кои, како што рече преку факти, ја актуелизираат, обновуваат и воедно градат културната меморија за тоа кои сме, што сме и каде сакаме да се видиме во иднина.

Мени за пристапност