Најдоброто што можеме да го направиме за нашите деца и за нашата иднина е постојано да ги зголемуваме средствата за научно-истражувачка дејност, да ја регулираме сферата со јасни правила и стандарди со новиот Закон за научно-истражувачка дејност, а со новата Национална програма за научно-истражувачка дејност да ја уредиме распределбата на средствата и да ги поврземе институциите, истражувачите и индустријата, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на научната конференција организирана од Институтот за македонска литература при УКИМ.

Институтот во изминатиот едногодишен период го реализираше научно-истражувачкиот проект „Траумата во литературата“, финансиски поддржан од Министерството за образование и наука, во рамки на доделувањето средства за финансирање научно – истражувачки проекти на државните факултети, научните институти и МАНУ во 2025 година.
Приоритет е создавање целосна рамка за поддршка на науката, со современи лаборатории, фондови за иновации, програми за млади истражувачи и јасна регулатива што гарантира транспарентност, одговорност и успех.

„Конкретно, Буџетот за наука од 2024 година, го зголемивме двојно повеќе во 2026 година и сега имаме над 770 милиони денари, од кои најголем дел е наменет за финансирање на научно-истражувачки проекти од национален интерес. Изготвивме нов Предлог закон за научно – истражувачка дејност, кој заедно со предлог законите за високото образование и за обезбедување на квалитет во високото образование наскоро ќе се најде пред пратениците. Базите на Web of science и SCOPUS се бесплатно достапни за сите научници и истражувачи од јавните високообразовни и научни установи, а меѓународните програми за наука, како Хоризонт, останаа отворени за нашата земја“, нагласи министерката за образование и наука.

Јаневска укажа дека инвестирањето во наука вклучува и создавање услови за развој на научен подмладок, преку обуки и програми за професионален развој на наставничката заедница, за да може да го промени начинот на кој младите ја доживуваат науката.
Со научната конференција беше одбележан и јубилејот - 45 години од основањето на Институтот за македонска литература.