На Градежниот факултет во Скопје денес беше отворен Научно-истражувачкиот центар ,,Знаење+ СО2-“, во рамки на соработката со цементарницата „Титан Усје“ насочена кон подигнување на свесноста за важноста од намалување на емисиите на CO2 при производство на бетон, преку научен и образовен развој, имплементација и стекнување на практични знаења и вештини, како и поттикнување на иновации и интерес за технологијата.
„Центарот, кој верувам дека ќе прерасне во иновациски хаб, ги спојува академскиот сектор, бизнис заедницата и државата во заложбите за создавање кадар кој ќе знае да развива решенија во согласност со европските стандарди за зелена транзиција. Оваа соработка е особено значајна затоа што е фокусирана на една од областите што со Стратегијата за паметна специјализација е посочена како приоритетна, со највисок економски, иновативен и истражувачки капацитет, областа - Одржливи материјали и паметни згради. А тоа значи создавање додадена вредност преку нови технологии и знаења, подобрување на конкурентноста на домашната економија и забрзување на развојот“, рече министерката Весна Јаневска.
Центарот ќе им помогне на студентите да стекнат знаења применливи во реалниот сектор, давајќи им можност за поврзување на теоријата со практиката.

„Ова е идејата за воведување на моделот на дуално образование и во високото образование, а техничките факултетите се вистинското место од каде тоа треба да почне да се реализира. На ваков начин, добиваат сите - факултетот успешно ја извршува својата образовна и истражувачка улога, компанијата инвестира во иднината на младите и во сопствената конкурентност, а државата добива иновативна работна сила што ја движи економијата напред“, нагласи министерката Јаневска. Очекува успешната соработка да се развива и понатаму и да биде пример што ќе го следат и други факултети и компании.
„Министерството и Владата се подготвени за поддршка на вакви иницијативи. Македонија треба да ја водиме кон одржлив развој и европска перспектива, со знаење, иновации и партнерство и, што е многу важно, со заедничка посветеност“, посочи министерката Јаневска.
Соработката меѓу Градежниот факултет и „Титан Усје“ во делот на образованието се однесува на развивање наставна програма посветена на стратегии за ниско ниво на јаглерод и одржливи градежни практики, како и користење искуства од развиениот свет каде се поврзува теоријата со праксата со цел намалување на емисиите на CO2.