Министерството за образование и наука ги исполни целите од програма за работа во 2025 година, но и дел од индикаторите од Планот за раст на земјите од Западен Балкан – усвоени се нови формули за финансирање на основното и средното образование, обезбедена е модерна и безбедна информатичко комуникациска опрема за основните училишта и достигната е бројка од 700 ангажирани компании во реализација на дуалното образование и учење преку работа.
Ова го истакна државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на денешниот седумнаесетти состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, каде претставници на трите ресорни министерства информираа за остварените резултати во изминатите шест месеци.
„Добро го искористивме буџетот за 2025та, кој е рекорден во износ од 38 милијарди денари и особено радува што за следната година веројатно ќе добиеме уште повеќе средства, 40 милијарди денари со кои ќе продолжат започнатите позитивни промени во образованието“, рече Ивановска.
Потсети на вложувањата во образовната инфраструктура, на воведувањето едносменска настава и на тоа дека се обезбедени учебници за сите ученици, од кои дел се целосно нови и изработени согласно нови наставни програми, издвојувајќи ги учебниците по сите странски јазици кои недостигаа седум години.
„Од оваа учебна година имаме поинклузивен образовен систем. Ангажирани се најголем број образовни асистенти досега во основното образование - вкупно 1346, а за прв пат и 130 во средните училишта. Посебните средни училишта станаа државни училишта со ресурсни центри и им помагаат на сите останати каде има ученици со посебни образовни потреби. Нивните капацитети беа неискористени, но им ја вративме функцијата со можноста – родителите заедно со стручната комисија по МКФ, да одлучуваат дали ќе ги запишат децата во редовно или посебно училиште“, рече Ивановска.
Платите на наставниците во училиштата се зголемени за 12%, а во високообразовните установи за 14%. Вештачката интелигенција влезе во наставата, за што беше изработено упатство за наставници, стручни соработници и ученици, а се организираат и обуки за кадарот во училиштата на оваа тема. Од септември започна примената на нов електронски дневник кој ги намали административните обврски на наставниците.
Ивановска информираше дека контролата на квалитетот на образованието, резултираше со затворање на 14 приватни научни институти и еден факултет. Усвоени се 5 нови законски решенија, а на две се работи во моментов – за високо образование и за научно – истражувачка дејност.
За реализација на научно – истражувачки проекти од интерес на државата и во корелација со Стратегијата за паметна специјализација, распределени се 374 милиони денари, а Македонија стана партнер со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија кој ги отвори вратите за нашите научници и истражувачи. Базите со научна литература и трудови Web of science и Scopus станаа бесплатно достапни за сите вработени и студени на државните универзитети.
„Сработивме нова Стратегија за образование со важност од 2026 до 2032, која ќе обезбеди континуитет на позитивните промени што ги започнавме минатата година. Од вчера истата е на ЕНЕР системот и ги очекуваме коментарите на јавноста“, рече Ивановска.