Насилството и училиштето не одат заедно. Министерството за образование и наука е посветено да ги заштити децата и младите, преку градење на безбедна и поддржувачка средина каде што ќе можат да растат, учат и да напредуваат, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ „Насилство врз млади жени и девојки: сексуално вознемирување и следење“.
„Системот на воспитување и образование има воспоставено механизми за спречување и справување со насилство, вклучително и насилство врз девојчињата и младите жени. Првиот механизам е преку регулативата, што сега е предмет на ревизија, со цел да зајакнеме повеќе сегменти, меѓу кои и заштитата од секакви форми на дискриминација и насилство. Во делот на превентивата, воведуваме одредба дека во училиштата се остваруваат и програми за заштита од насилство и за спречување дискриминација, низ различни наставни и воннаставни активности кои се организираат со родители/старатели, општини, граѓански здруженија и така натаму“, посочи министерката.
Во воспитно-образовниот процес, местото на наставникот е клучно и од аспект на градење свест кај учениците дека никој не смее да биде жртва на насилство, а доколку се случи, за насилството не треба да се молчи. Наставниците посетуваат и обуки за препознавање и спречување на родово базирано насилство. При секое несоодветно однесување на ученик, наставникот прво се труди сам да го надмине предизвикот, по што може да се вклучи и стручната служба во училиштето, а понатаму и Педагошката служба при министерството.
„Како Министерство, ги охрабруваме сите ученици и ученички да пријавуваат насилство во каква било форма, и тоа го прават на електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk, директно во Педагошката служба или во Државниот просветен инспекторат“, укажа Јаневска.