Доколку студентите можат да одберат квалитетни студии во својата земја, не би оделе да бараат знаење на странски катедри, рече министерката Јаневска, објаснувајќи дека во оваа насока се и подобрувањето на студентскиот стандард, одличната соработка со студентските здруженија како и подобрувањето на условите во студентските домови. Јаневска побара сите чинители во образованието да придонесат за поквалитетно образование доколку сакаме како држава да направиме голем развоен исчекор.
Цел на сите нас е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и натаму да јакне и да се вброи на листата од 1.000 најдобри светски универзитети. Тоа им го должиме на патроните на Универзитетот и основоположници на словенската писменост како и на нивните ученици Климент и Наум кои во IX век ја основаат Охридската книжевна школа — првиот словенски и најстариот европски универзитет, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на свеченоста по повод одбележувањето на 76-годишнината од основањето на Универзитетот и на патрониот празник на Универзитетот – Денот на Светите Кирил и Методиј
„За Владата и за Министерството за образование и наука, висок приоритет е подобрувањето на квалитетот на високото образование. Затоа минатата година формиравме Национално координативно тело за реформи во високото образование и научно истражувачката дејност, кое веќе работи на подготовка на нов Закон за високо образование. Ни треба нова регулатива, професорите и студентите треба да имаат повеќе права, но со тоа одат и повеќе обврски“, посочи Јаневска, додавајќи дека во подготовка е и нов Закон за научно-истражувачка дејност.
Укажувајќи дека оваа година буџетот за образование е најголем досега, министерката нагласи дека за наука се издвоени 680 милиони денари што е речиси двојно повеќе од минатогодишните 380 милиони денари и веќе се објавени три повици за распределба на средства за реализација на иновативни научно – истражувачки проекти.
„Инвестираме во повисоки плати на професорите и очекуваме с? ова да резултира со поквалитетни студиски програми и повеќе научни трудови со фактор на влијание. Преземаме законски мерки кон научните институти кои од наука го имаат само зборот во името. Нашата визија е високо образование на европско рамниште“, кажа Јаневска.