Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), преку својот проект за регионална техничка соработка RER6039, со наслов „Развивање на човечки ресурси за воспоставување на центар за јонска зрачна терапија во рамки на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа“, ќе додели најмногу три (3) стипендии наменети за обука на млади научници за технологии базирани на акцелератори релевантни за хадронска терапија.
Целта на обуката е да ги подготви овие млади научници за нивно идно учество во проектирањето и работењето на објектот за хадронски акцелератор во рамките на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST).
Сите информации во врска со критериумите, темите за обука, процедурата и крајниот рок за аплицирање може да се најдат во информативниот лист кој е во прилог на ова известување.