Врз основа на член 49 став 1 од Законот за студентскиот стандард („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/13, 120/13, 41/14, 146/15, 30/16, 178/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/19, 248/20, 302/20, 235/2024 и 111/2026), и член 2 од Правилникот за видот на студентските стипендии и начинот на доделување на студентските стипендии („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 155/26), Министерството за образование и наука распишува
КОНКУРС
за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2026/2027 година
Министерството за образование и наука за студиската 2026/2027 година ќе додели стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија и тоа по следните групи:
а) Прва група – 1200 стипендии за редовни студенти од социјалните категории попреченост и ретки болести, запишани на високообразовните установи во Република Северна Македонија и тоа:
- 1100 стипендии за редовни студенти од социјална категорија
- 50 стипендии за студенти со попреченост
- 50 стипендии а студенти со ретки болести
б) Втора група:
- 1050 стипендии за студенти запишани како редовни студенти на високообразовните установи во Република Северна Македонија на студиски програми кои се од стратешки интерес за државата согласно Одлуката за утврдување листа на студиски програми од стратешки интерес за државата бр. 1410-183 од 3.11.2026 година на Националниот совет за високо образование и научно – истражувачка дејност, и тоа следните студиски програми: хемија, физика, математика, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство.
в) Трета група:
– 700 стипендии за студенти кои се запишани како редовни студенти на јавните универзитети и високообразовните установи и 50 студенти за студенти кои се запишани како редовни студенти на приватните универзитети и високообразовните установи во Република Северна Македонија и кои постигнале особен успех во учењето од I-та до тековно запишаната студиска година од најмалку 8.50.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКА СТИПЕНДИЈА
Право на стипендија имаат студентите запишани на додипломски студии од прв циклус кои студираат на високообразовни установи во Република Северна Македонија и кои ги исполнуваат следните услови:
1. да се редовни студенти;
2. да не повторувале година во текот на студирањето;
3. да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании;
4. да се државјани на Република Северна Македонија.
Критериуми за доделување на стипендиите се:
а) Прва група – стипендии за студенти од социјални категории, студенти со попреченост и ретки болести
Подгрупа стипендии за студенти од социјални категории
1. Постигнат успех од претходните студиски години до тековната 2026/2027 година за сите студиски програми.
2. За критериумот материјални можности на студентите и нивните семејства, се земаат вкупните месечни примања по член на семејство на студентот (месечните нето плати и годишните приходи по разни основи прикажани во образецот од Управата за јавни приходи како земјоделска дејност, стопанска дејност, авторски права, издавање на простор и други приходи) во однос на просечно исплатената месечна нето плата по вработен во Република Северна Македонија за последните три месеци утврдена од Државниот завод за статистика. За оние студенти за кои за месечни примања на семејството по член кои се повисоки од 75% од просечно исплатена на месечна нето плата во Република Северна Македонија не се добиваат бодови и по таа основа ќе бидат дисквалификувани од оваа група на стипендии.
3. Студентите кои до 18 години биле без родители и родителска грижа, студентите кои се категоризирани како лица со посебни потреби, студенти - деца на самохран родител, студенти-деца на корисници на социјална помош и студенти - деца на корисници на надомест по основ на технолошки вишок за кои вкупните приходи во семејството се под нето минималната плата утврдена во Република Северна Македонија добиваат дополнителни 10 бодови.
4. Студентите кои немаат положено најмалку 80% од предвидените испити за претходните студиски години нема да бидат рангирани. За студенти кои студираат на јавните универзитети и високообразовни установи каде што вкупниот број на предвидени испити за една студиска година е помалку од 10 (десет) испити, за критериумот „да имаат положено најмалку 80% од предвидените испити“ ќе се земе предвид критериумот „да имаат положено само два испита помалку од вкупно предвидениот број на испити“. Во случај на ист број на бодови предност имаат студентите кои положиле 90% односно 100% од предвидените испити.
5. Документите на студентите, кои ќе освојат 0 бодови по основ на критериумот „материјални можности“ (прикажани во точката 2 на оваа група), нема да се разгледуваат.
6. Доколку има повеќе пријавени кандидати со ист број бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година од студиите.
7. Студентите може да аплицираат најрано од втората година на студии.
Подргупа – студенти со попреченост и ретки болести
1. Студентите со попреченост и со ретки болести добиваат 100 бодови по основ на попреченост или ретка болест, врз основа на доставен доказ од соодветна институција.
2. Студентите може да аплицираат најрано од првата година на студии.
Доколку не се пополни квотата со доволен број на студенти во некоја од подгрупите во рамките на Првата група, комисијата може да ја пополни квотата во непополнетата подгрупа, со студенти кои ги исполнуваат условите од подгрупата во која има поголем интерес на студенти кои ги исполнуваат условите за конкурирање во таа подгрупа.
б) Втора група - стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од стратешки интерес за државата добиваат бодови за остварениот успех во текот на образованието.
1. Постигнат успех од претходното образование односно од претходните студиски години до тековната 2026/2027 година за сите студиски програми од најмалку 8,00, односно 4,00 од средното образование за студентите од прва година.
2. Студентите од повисоките години кои се пријавуваат за стипендија, а кои немаат положено најмалку 80% од предвидените испити за претходните студиски години и остварено просек од 8,00 нема да бидат рангирани. За студенти кои студираат на високообразовни установи каде што вкупниот број на предвидени испити за една студиска година е помалку од 10 (десет) испити, за критериумот „да имаат положено најмалку 80% од предвидените испити“ ќе се земе предвид критериумот „да имаат положено само два испита помалку од вкупно предвидениот број на испити“. За студентите кои се пријавуваат за стипендија од прва година на студии, треба да имаат постигнато успех во средното образование од најмалку 4,00.
3.Студенти кои се запишани на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование добиваат дополнителни 10 бодови.
4. Доколку има повеќе пријавени кандидати со ист број бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година од студиите.
5. Стипендијата се доделува најмалку за една академска година, а најмногу за толку академски години од прв циклус колку што се предвидени со статутот на високо образовната установа. По првата година на користење на стипендијата, студентот има право да ја продолжи стипендијата доколку продолжил да ги исполнува условите од Конкурсот.
6. Студентите може да аплицираат најрано од првата година на студии.
Трета група - стипендии за студенти кои се запишани како редовни студенти на високообразовните установи во Република Северна Македонија и кои постигнале особен успех во учењето од I-та до тековно запишаната студиска година од најмалку 8.50.
1.Постигнат успех од претходните студиски години до тековната 2026/2027 година.
2.Студентите кои немаат положено најмалку 90% од предвидените испити за претходните студиски години нема да бидат рангирани. За студенти кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи каде што вкупниот број на предвидени испити за една студиска година е помалку од 10 (десет) испити, за критериумот да имаат положено најмалку 90% од предвидените испити ќе се земе критериумот да имаат положено само еден испит помалку од вкупно предвидениот број на испити. Во случај на ист број на бодови предност имаат студентите кои положиле 90% односно 100% од предвидените испити
4.Студентите кои учествуваат во Програмата за обезбедување туторство на ученици од основното образование, односно Програмата за обезбедување туторство на ученици од средното образование добиваат дополнителни 10 бодови.
5. Доколку има повеќе пријавени кандидати со ист број бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година од студиите.
6. Студентите може да аплицираат најрано од втората година на студии.
II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Аплицирањето е исклучиво електронски. Документите не се доставуваат во хартија до Министерството за образование и наука.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk од 06.11.2026 до 20.11.2026 година.
Студентите имаат право да се пријават само за една група на стипендии.
III. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
1. Потврда за редовно запишан зимски семестар за студиската 2026/2027 година, која содржи податок и за тоа кога студентот има запишано за првпат прва академска година;
2. Уверение со бројот на предвидени и положени испити од претходните години издадено и заверено од високообразовната установа. НАПОМЕНА: УВЕРЕНИЕТО ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТРЕБА ДА СОДРЖИ И БРОЈ НА ПРЕДВИДЕНИ И БРОЈ НА ПОЛОЖЕНИ ИСПИТИ.
3. Документи за утврдување на материјалната состојба на кандидатот:
3.1 потврди за остварена плата на вработените членови на семејството за јуни од тековната година или доколку за овој месец не е исплатена плата, да се достави потврда за последната исплатена плата (за родителите-старатели вработени во државни и јавните установи да се достави потврда за плата заверена од овластен орган, а за родителите-старатели вработени во приватни фирми да се достави потврда за плата),
3.2 за пензионираните членови на семејството - документ за висина на пензија – чек;
3.3 за разведени родители - доказ за разводот и доколку кандидатот прима алиментација истата да се прикаже како месечен приход;
3.4 за корисници на социјална помош да се доставува последно решение или последен чек;
3.5 документ за кандидатите-студенти без родители и родителска грижа и студенти кои се категоризирани како лица со посебни потреби, со кој ќе го докажат писмено нивниот статус односно решение за видот и степенот на попреченоста издадено од надлежен Центар за социјални работи и доказ за ретка болест, како медицинска документација која вклучува потврдена дијагноза од надлежна здравствена установа, соодветни дијагностички наоди и доказ за евиденција во Националниот регистар за ретки болести;
4. Изјава на кандидатот дека не е корисник на друга стипендија
6. Изјава за обработка и користење на личните податоци на кандидатот и неговото потесно семејство (родители-старатели, браќа, сестри), со која кандидатот се сложува Министерството за образование и наука по службена должност да ги обезбеди потребните документи од одредени институции со кои има склучено договори за соработка. Кандидатите кои не аплицираат за Прва група потребно е да ја пополнат изјавата само со личните податоци.
7. Фотокопија од индексот (опционално, доколку студентот поседува)
8.Копија од лична трансакциска сметка.
9. За студентите кои аплицираат од прва година на студии, потребно е да ги достават сите свидетелства од средно образование (скенирани во оригинал од двете страни).
Кандидатите кои се пријавуваат за стипендија од Прва група ги доставуваат сите документи (од бр.1 - бр.8, при што за точка 3 ги доставуваат документите кои се соодветни за подгрупата за која се пријавуваат), додека студентите кои се пријавуваат за стипендија од втората и третата група ги доставуваат документите под реден број 1, 2, 4, 5, 6, 7, 8.
ЗА СТУДЕНТИТЕ КОИ СЕ ПРИЈАВУВААТ ОД ПРВА ГОДИНА НА СТУДИИ: ги доставуваат документите од точките 1, 3 (единствено доколку се пријавуваат во подгрупата „Студенти со попреченост и ретки болести“ и тоа само документите за соодветната подгрупа) 4, 5, 6 ,7 , 8 и 9.
Министерството за образование и наука по службен пат, согласно Законот за студентскиот стандард, ќе ги обезбеди следните документи:
- уверение од Управата за јавни приходи, за остварени приходи по разни основи за претходната година (приходи од самостојна дејност, приходи од вршење земјоделска дејност, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал, капитални добивки, добивки од игри на среќа и други наградни игри, други приходи) за двајцата родители-старатели на кандидатот поединечно и за самиот кандидат,
- потврда дека се невработени или примаат/не примаат паричен надоместок невработените членови на потесното семејство од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија,
- извод на родени за брат/сестра под шест годишна возраст, како и извод на умрените за починат родител од Управата за водење на матични книги и /или
- уверение за државјанство на Република Северна Македонија од Министерството за внатрешни работи.
IV. КАНДИДАТИТЕ НЕМА ДА БИДАТ РАНГИРАНИ ДОКОЛКУ:
Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна.
V. ОБЈАВА НА РЕЗУЛТАТИТЕ
Списокот на кандидати на кои им се доделува стипендијата ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk
VI. ВИСИНА И ПЕРИОД НА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИИТЕ
Висината на стипендијата за Прва и Трета група изнесува 6.050,00 денари месечно, а за Втора група изнесува 18.000,00 месечно и се исплаќа за 9 месеци во текот на студиската година.
Стипендијата се доделува најмалку за една академска година, а може да се продолжи најмногу онолку академски години за додипломски студии од прв циклус колку што се предвидени со статутот на високообразовната установа. По првата година на користење на стипендијата, студентот има право да ја продолжи стипендијата доколку продолжил да ги исполнува условите од Конкурсот.
За стипендиите од стратешки интерес на државата и за студентите со попреченост и ретки болести стипендијата може да се додели од првата студиска година. При што стипендијата се доделува најмалку за една академска година, а најмногу за толку академски години од прв циклус колку што се предвидени со статутот на високо образовната установа. По првата година на користење на стипендијата, студентот има право да ја продолжи стипендијата доколку продолжил да ги исполнува условите од Конкурсот.
Студентите кои ќе добијат стипендија ќе добијат решение за правата и обврските од користењето на стипендијата на профилот преку кој ја поднеле апликацијата за стипендија, во делот „Мои апликации“ на порталот e-uslugi.mon.gov.mk.