Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Конкурс за доделување на 1200 (илјада и двесте) стипендии во четири категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта за учебната 2026/2027 година

Министерство за образование и наука Министерство за образование и наука

Врз основа на член 54 став 3 од Законот за ученички стандард („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14, 146/15, 30/16, 64/18 и 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/20, 302/20, 235/24 и 111/26), а согласно Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2026/2027 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 160/26) и Решението за распишување на Конкурс за доделување на 1200 стипендии на ученици Роми во четири категории од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2025/2026 година бр. 19-11674/1 од 15.09.2026 година, Министерството за образование и наука, распишува

 

КОНКУРС

за доделување на 1200 (илјада и двесте) стипендии во четири категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2026/2027 година

 

Министерството за образование и наука за учебната 2026/2027 година ќе додели 1200 (илјада и двесте) стипендии во четири категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија.

 

 

I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА

 

Право на стипендија имаат учениците кои учат во прва, втора, трета и четврта година во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија, а ги исполнуваат следните услови:

1) да се редовни ученици запишани во прва, втора, трета или четврта година во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија;

2) да не повторувале во претходната учебна година;

3) да не се корисници на стипендија од други институции/установи или фирми;

4) да се припадници на ромската етничка заедница; и

5) да се државјани на Република Северна Македонија.

 

 

II. КРИТЕРИУМИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА

 

Во учебната 2026/2027 година се доделуваат вкупно 1200 стипендии за средношколци Роми во четири категории, од кои:

 

1. Во првата категорија се доделуваат вкупно 340 стипендии за средношколци Роми за учебната 2026/2027 година во висина од 3.000 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 4.50 до 5.00 во последната учебна година;

2. Во втората категорија се доделуваат 390 стипендии за средношколци Роми за учебната 2026/2027 година во висина од 2.300 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 3.50 до 4.49 во последната учебна година;

3. Во третата категорија се доделуваат 250 стипендии за средношколци Роми за учебната 2026/2027 година во висина од 1.700 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 3.00 - 3.49 во последната учебна година;

4. Во четири категорија се доделуваат 220 стипендии за средношколци Роми за учебната 2026/2027 година во висина од 1.200 денари месечно по ученик, а кои постигнале успех од 2.00 - 2.99 во последната учебна година.

 

При селекцијата на стипендии за прва, втора, трета и четврта категорија предност имаат кандидатите кои имаат повисок општ успех на оценките.

 

 

III. НАЧИН, МЕСТО И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

 

Учениците кои ги исполнуваат условите од Конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, од 01.10.2026 до 18.10.2026 година.

 

Потребните документи за доставување се следните:

 

1. Оригинал потврда дека е редовен ученик во учебната 2026/2027 година (скенирана);

2. Свидетелствата за завршена претходна учебна година на образование (кандидатите од I година доставуваат свидетелство од IX одделение, кандидатите од II година доставуваат свидетелство за I година, кандидатите од III година доставуваат свидетелство за II година, кандидатите од IV година доставуваат свидетелство за III година) - (да се прикачи оригинално Свидетелство скенирано од двете страни на електронската апликација);

3. Трансакциска сметка на име на ученикот (скенирана);

4. Изјава дека кандидатот не е корисник на друга стипендија (се пополнува електронски на апликацијата со штиклирање);

5. Изјава на кандидатот дека е припадник на ромската етничка заедница (се пополнува електронски на апликацијата со штиклирање);

6. Потврда од ромски регионални здруженија/организации/невладини од местото на живеење на ученикот, со која се потврдува дека ученикот е припадник на ромската етничка заедница (да се скенира и да се прикачи на електронската апликација).

 

Министерството за образование и наука, согласно своите законски надлежности, го задржува правото по службена должност да изврши проверка на точноста на доставените податоци и документација од точка I на Конкурсот, преку расположливите официјални евиденции и институционални механизми, со цел обезбедување на законито, транспарентно и правилно спроведување на постапката за доделување на стипендии за ученици припадници на ромската етничка заедница.

 

Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна и доколку не е доставена преку http://e-uslugi.mon.gov.mk.

 

Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на 20.11.2026 година на интернет страницата на Министерството за образование и наука, а сите кандидати ќе добијат решенија во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили на http://e-uslugi.mon.gov.mk.

 

Учениците кои ќе бидат незадоволни од резултатите од Конкурсот по добивањето на Решенијата во врска со статусот на поднесените апликации на своите електронски профили, имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.

За малолетните ученици, жалбата треба да биде доставена преку нивниот законски застапник, во спротивно истата ќе се смета за неуредна.

 

 

IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА

 

Висината на стипендијата е наведена за секоја категорија посебно и тоа:

 

Прва категорија: Стипендии за ученици со успех од 4.50 до 5.00

Висината на стипендијата за прва категорија изнесува 3.000 денари месечно за девет (9) месеци за една учебна година.

Втора категорија: Стипендии за ученици со успех од 3.50 до 4.49

Висината на стипендијата за втора категорија изнесува 2.300 денари месечно за девет (9) месеци за една учебна година.

Трета категорија: Стипендии за ученици со успех од 3.00 до 3.49

Висината на стипендијата за трета категорија изнесува 1.700 денари месечно за девет (9) месеци за една учебна година.

Четврта категорија: Стипендија за ученици со просек од 2.00 до 2.99

Висината на стипендијата за четврта категорија изнесува 1.200 денари месечно за девет (9) месеци за една учебна година.

 

Доколку во некоја од категориите не се пополни утврдената квота со соодветни кандидати, неискористениот износ од предвидените средства за стипендии се пренасочува кон друга категорија во која има поголем број соодветни кандидати, со што се зголемува бројот на стипендии во таа категорија. Стипендиите се доделуваат според постигнатиот општ успех, а месечниот износ се определува согласно категоријата во која кандидатот припаѓа врз основа на постигнатиот успех.

Мени за пристапност