Врз основа на член 52 од Законот за научно-истражувачка дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. бр.46/08, 103/08, 24/11, 80/12, 24/13, 147/13, 41/14, 145/15, 154/15, 30/16 и 53/16 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 257/20, 163/21, 64/24, 235/24 и 144/25), и член 4 од Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри („Службен весник на Република Македонија” бр. 18/12, 64/13, 98/13, 70/14, 88/14, 74/15, 140/15 , 178/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.166/21 и 187/24 ), Министерството за образование и наука распишува
К О Н К У Р С
ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ВТОР ЦИКЛУС ВО СТРАНСТВО ЗА АКАДЕМСКАТА 2026/2027 ГОДИНА
Министерството за образование и наука за академската 2026/2027 година ќе додели стипендии за академски студии од втор циклус за студенти примени на академски студии од втор циклус од сите области, на еден од првите десет рангирани универзитети, односно на еден од првите сто рангирани универзитети за студенти примени на академски студии од областите на инженерството и технологиjaта, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното јавно и приватно право, економијата и бизнисот, физиката, биологијата, хемијата, науката за храна, науката за земјиште и води, компјутерските и информациските науки, електротехниката, електрониката и информациското инженерство, машинството, туризмот и генетиката, согласно последната објавена ранг листа на универзитети на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.
I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА:
Право на стипендија има кандидатот кој ги исполнува следните услови:
1. Да има завршено академски студии од прв циклус во траење од три, односно четири години и постигнат просечен успех од најмалку 8,50 или да има нострифицирано диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,50;
2. Да е примен на академски студии од втор циклус*, прв пат во прва година во академската 2026/2027 година на и тоа на академски студии од втор циклус од сите области на еден од првите десет рангирани универзитети, односно на еден од првите сто рангирани универзитети на академски студии од областите на инженерството и технологиjaта, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното јавно и приватно право, економијата и бизнисот, физиката, биологијата, хемијата, науката за храна, науката за земјиште и води, компјутерските и информациските науки, електротехниката, електрониката и информациското инженерство, машинството, туризмот и генетиката;
3. Да има доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата;
4. Да не е корисник на стипендија од други даватели;
5. Да е државјанин на Република Северна Македонија.
*Вкупниот број на кредити кои се стекнуваат на првиот и вториот циклус на универзитетските студии треба да изнесува најмалку 300 ЕКТС кредити.
**Областите се дефинирани во Уредбата за утврдување на научно-истражувачките полиња од трето ниво (области) http://www.nacionalensovetzavoinid.com.mk/images/dokumenti/Uredba%20Frascati.pdf
II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:
· Пријава;
· Диплома за завршени академски студии од прв циклус и уверение за постигнат успех (заверени на нотар)
· Доколку кандидатот додипломските студии ги завршил во странство да достави доказ за извршена нострификација од страна на Министерството за образование и наука и еквивалентен просечен успех ;
· Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е безусловно примен првпат во прва година на академски студии од втор циклус во академската 2026/2027 година, со потврда започнува семестарот и колку семестри траат студиите (дата на почеток и завршување на студии) и висината (цената ) на уписнина.
· Уверение-потврда за активно познавање на јазик (TOEFL, IELTS, DELFT или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои дел од своето средно, односно високо образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата;
· Своерачно потпишана изјава дека кандидатот не е корисник на стипендија за академски студии од втор циклус од други даватели (заверена на нотар).
· Две препораки од универзитетски професори од установата/те во кои кандидатот се стекнал со додипломски студии од прв циклус и препорака од својот работодавач (доколку е во работен однос);
· Мотивациско писмо;
· Меница во форма на нотарски акт како средство за обезбедување на поврат на исплатените средства.
· Уверение за државјанство на Република Северна Македонија.
Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.
Потребните документи за доделување на стипендиите за академските студии од втор циклус може да се доставуваат во оригинал или копии заверени на нотар.
Уверението за државјанство на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука по службена должност го обезбедува од надлежниот јавен орган, согласно член 52, став 13 од Законот за научно-истражувачка дејност.
III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:
На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 УСА долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на плаќањето, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или повратен авионски билет (со соодветна документација и во рок од месец дена од поаѓање и враќање), а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2026/2027 година (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Организацијата на Обединетите Нации). Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот.
IV. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ
1. Избраниот кандидат со договор се обврзува дека доколку ја добие стипендијата, за секоја година помината на студии во странство ќе работи две години во Република Северна Македонија. Оттаму, по завршувањето на студиите и враќањето во Република Северна Македонија кандидатот е должен да се пријави во Министерството за образование и наука и треба да се регистрира на Дигиталниот регистар на
стипендисти на Министерството за образование и наука (https://e-registar.mon.gov.mk/), кој Министерството го споделува со стопанските комори, високообразовните установи, државните органи и сл. Доколку во периодот од шест месеци на кандидатот не му е понудено соодветно вработување од работодавачите со кои бил споделен Дигиталниот регистар, не му престанува обврската да работи во Република Северна Македонија за секоја година помината на студии во странство.
2. Кандидатот ќе биде ослободен од обврската да работи во Република Северна Македонија по завршувањето на студиите доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од Fortune top 500 листата во странство. Во ваквите случаи тој може да остане во странство максимум три години со цел стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во Република Северна Македонија и да ја одработи обврската специфицирана во точка 1 погоре.
3. На барање на кандидатот, истиот може да биде ослободен од обврската да работи во Република Северна Македонија по завршувањето на студиите доколку, веднаш по завршувањето на студиите го продолжи своето образование на студии од трет циклус во странство, за што уредно ќе го извести Министерството и ќе достави соодветни докази за истото. Во ваквите случаи, обврската специфицирана во точка 1 погоре може да се пролонгира за онолку години колку што траат студиите од трет циклус, по што студентот е обврзан да ја одработи обврската од точка 1.
4. Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите да не се врати во Република Северна Македонија и не ја исполни обврската од точка 1, потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износот на стипендијата, најдоцна во рок од две години од завршувањето на студиите.
V. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Рокот за пријавување на кандидатите за користење на академски стипендии за студии од втор циклус во странство е најдоцна до 15.09.2026 година.
Документите да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во странство) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk.
Некомплетните документи и документите доставени по крајниот рок нема да се разгледуваат.
Информации за условите и критериумите под кои ќе се доделуваат стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука