Врз основа на член 12 став 2 од Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 21/24, 14/25, 101/2025 и 212/2026) и член 2 од Правилникот за начинот на спроведување на конкурсот за стипендирање на студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 13/25), Министерството за образование и наука распишува
К О Н К У Р С
ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ НА СТУДИСКИ ПРОГРАМИ ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЗА АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ПРВ, ВТОР И ТРЕТ ЦИКЛУС ВО ЗЕМЈАТА ЗА АКАДЕМСКАТА 2026/2027 ГОДИНА
Заради стимулирање на дипломираните студенти за запишување на прв, втор и трет циклус на студиски програми по македонски јазик, Министерството за образование и наука за академската 2026/2027 година ќе додели 10 (десет) стипендии на редовни студенти запишани на студиски програми за изучување на македонскиот јазик на студенти на студии од прв циклус, 7 (седум) стипендии на редовни студенти запишани на студиски програми за изучување на македонскиот јазик на студенти на студии од втор циклус и 5 (пет) стипендии на редовни студенти запишани на студиски програми за изучување на македонскиот јазик на студенти на студии од трет циклус.
I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА ЗА ПРВ ЦИКЛУС НА СТУДИИ:
Право на стипендија имаат студентите запишани на додипломски студии од прв циклус кои студираат на високообразовни установи во Република Северна Македонија и кои ги исполнуваат следните услови:
1. да се редовни студенти;
2. да не повторувале година во текот на студирањето;
3. да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании;
4. да се државјани на Република Северна Македонија.
5. да постигнале особено висок успех во учењето од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 8,00 просечен успех и тоа за студенти запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности и да положиле најмалку 80% од предвидените испити за претходните студиски години.
II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
1. Потврда за редовно запишан зимски семестар за студиската 2026/2027 година, која содржи податок и за тоа кога студентот има запишано за првпат прва академска година;
2. Уверение со бројот на предвидени и положени испити од претходните години издадено и заверено од високообразовната установа. НАПОМЕНА: УВЕРЕНИЕТО ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТРЕБА ДА СОДРЖИ И БРОЈ НА ПРЕДВИДЕНИ И БРОЈ НА ПОЛОЖЕНИ ИСПИТИ.
3. Изјава на кандидатот дека не е корисник на друга стипендија
4. Изјава на кандидатот дека доставените документи се вистинити и податоците се идентични со оние податоци внесени во електронската пријава
5. Изјава за обработка и користење на личните податоци на кандидатот со која кандидатот се сложува Министерството за образование и наука по службена должност да ги обезбеди потребните документи од одредени институции со кои има склучено договори за соработка.
6. Фотокопија од индексот (опционално, доколку студентот поседува)
7.Копија од лична трансакциска сметка.
Министерството за образование и наука по службена должност обезбедува податок за доказ за државјанство на Република Северна Македонија од Министерство за внатрешни работи
Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна.
III. ВИСИНА И ПЕРИОД НА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИJATA ЗА ПРВ ЦИКЛУС
Висината на стипендијата за изнесува 6.050,00 денари месечно и се исплаќа за 9 месеци во текот на студиската година.
Стипендијата се доделува најмалку за една академска година, а може да се продолжи најмногу онолку академски години за додипломски студии од прв циклус колку што се предвидени со статутот на високообразовната установа. По првата година на користење на стипендијата, студентот има право да ја продолжи стипендијата доколку продолжил да ги исполнува условите од Конкурсот.
Студентите кои ќе добијат стипендија ќе добијат решение за правата и обврските од користењето на стипендијата на профилот преку кој ја поднеле апликацијата за стипендија, во делот „Мои апликации“ на порталот e-uslugi.mon.gov.mk.
IV. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА КАНДИДАТИ ОД ПРВ ЦИКЛУС НА СТУДИИ
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk заклучно со 22.12.2026 година.
V.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА ЗА ВТОР ЦИКЛУС НА СТУДИИ:
Кандидатот кој ќе конкурира треба да ги исполнува следните услови:
1. Да има завршено академски студии од прв циклус во траење од три, односно четири години и постигнат просечен успех од 8,00 или да има нострифицирано диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,00.
2. Да е запишан на академски студии по македонски јазик од втор циклус, прв пат во прва година во академската 2026/2027 година,
3. Студиската програма на која е запишан кандидатот да е акредитирана и да има решение за работа;
4. Да е државјанин на Република Северна Македонија
5. Да не е корисник на стипендија од други даватели;
VI. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА КАНДИДАТИ ОД ВТОР ЦИКЛУС НА СТУИДИИ:
· Диплома за завршени академски студии од прв циклус и уверение за постигнат успех или нострифицирана диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство;
· Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен првпат во прва година на академски студии од втор циклус во академската 2026/2027 година, од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите;
· Своерачно потпишана изјава дека кандидатот не е корисник на стипендија за академски студии од втор циклус од други даватели.
· Изјава на кандидатот дека доставените документи се вистинити и податоците се идентични со оние податоци внесени во електронската пријава.
· Изјава за обработка и користење на личните податоци на кандидатот.
Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.
Министерството за образование и наука по службена должност обезбедува податок за доказ за државјанство на Република Северна Македонија од Министерство за внатрешни работи
Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна.
VII. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:
Висината на стипендијата за студии од втор циклус во земјата изнесува 9.000 денари, за девет (9) месеци во текот на академската година на која се запишале студентите, со завршени академски студии од прв циклус во траење од четири години односно за осумнаесет (18) месеци за студентите со завршени академски студии од прв циклус во траење од три години.
VIII. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ
1. Избраниот кандидат со договор се обврзува дека ќе ги врати доделените средства доколку најдоцна до пет години од потпишувањето на договорот не магистрира.
IX. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА КАНДИДАТИ ОД ВТОР ЦИКЛУС НА СТУИДИИ
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk заклучно со 20.2.2027 година.
X. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА ЗА ТРЕТ ЦИКЛУС НА СТУДИИ:
Кандидатот кој ќе конкурира треба да ги исполнува следните услови:
· Да има завршено втор циклус академски студии и да има постигнат просечен успех од 8,00 или да има нострифицирано диплома за академски студии од втор циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,00.
· Да е запишан на академски студии по македонски јазик од трет циклус, прв пат во прва година, односно ја запишал редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно ја запишал редовно третата година, во академската 2026/2027 година
· Да има 2 препораки од универзитетски професори;
· Студиската програма на која е запишан кандидатот да е акредитирана и да има решение за работа;
· Да е државјанин на Република Северна Македонија
· Да не е корисник на стипендија од други даватели и да не е односно да не бил корисник на стипендија за трет циклус на студии во земјата од Министерството за образование и наука.
XI. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:
· Диплома за завршени академски студии од прв и втор циклус студии и уверение за постигнат успех или нострифицирана диплома за академски студии од втор циклус стекнати во странство;
· Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен првпат во прва година на академски студии од трет циклус, односно ја запишал редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно ја запишал редовно третата година, во академската 2026/2027 година, од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите;
· Две препораки од универзитетски професори;
· Изјава за обработка и користење на личните податоци на кандидатот.
Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.
Министерството за образование и наука по службена должност обезбедува податок за доказ за државјанство на Република Северна Македонија од Министерство за внатрешни работи
Кандидатите нема да бидат рангирани ако прикачената документација е некомплетна.
XII. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:
Висината на стипендијата за студии од трет циклус во земјата изнесува 18.000 денари, за дванаесет (12) месеци во текот на академската година.
Стипендијата за втората година на студиите продолжува доколку кандидатот положил најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно стипендијата за третата година на студиите продолжува доколку на кандидатот му е прифатена докторската теза.
XIII. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ
Избраниот кандидат со договор се обврзува дека ќе ги врати доделените средства доколку:
-најдоцна до шест години од потпишувањето на договорот не докторира, за избраните кандидати запишани прв пат во прва година, во академската 2026/2027;
-најдоцна до пет години од потпишување на договорот не докторира, за избраните кандидати кои ја запишале редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, во академската 2026/2027;
-најдоцна до три години од потпишување на договорот не докторира, за избраните кандидати кои ја запишале редовно третата година, во академската 2026/2027;
XIV. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА КАНДИДАТИ ОД ВТОР ЦИКЛУС НА СТУИДИИ
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk заклучно со 20.2.2027 година.
XV. ОБЈАВА НА РЕЗУЛТАТИТЕ
Списокот на кандидати на кои им се доделува стипендијата ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.