Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Конкурс за доделување на студентските стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија за студиската 2026/2027година

Министерство за образование и наука Министерство за образование и наука

Врз основа член 51 од Законот за студентски стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 15/13, 120/13, 41/14, 146/15, 30/16, 178/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 124/19,248/20, 302/20 и 235/24), Одлука за доделување на стипендии на странски државјани од интерес за Република Северна Македонија бр. 57-2587/5 од 14.04.2026 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.80/26), Министерството за образование и наука распишува

 

Конкурс за доделување на студентските стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија за студиската 2026/2027година

 

1. Се доделуваат 50 студентски стипендии на странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија, а се со македонско потекло и живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција), Одлука за доделување на стипендии на странски државјани од интерес за Република Северна Македонија бр. 57-2587/5 од 14.04.2026 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.80/26).

 

2. Стипендијата се доделува за додипломски студии од прв циклус за онолку семестри колку што се предвидени со статутот на високообразовната установа во Република Северна Македонија (Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Универзитетот во Тетово).

 

3. На корисникот на стипендија целосно му се надоместуваат трошоците за студирање: уписнина, бесплатно сместување и исхрана во студентски дом, месечна стипендија, примарно здравствено осигурување, трошоци за издавање и продолжување на дозвола за привремен престој на странец заради студирање. Министерството за образование и наука определува во кој студентски дом ќе се смести кандидатот кој се стекнал со право на стипендија. Стипендијата не поддржува студии кои се изведуваат на англиски јазик, ниту подготвителна настава за македонски јазик.

 

4. За подетални информации за условите и потребните документи за конкурирање, кандидатите можат да се обратат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во горенаведените држави.

 

Пријавите и потребните документи се доставуваат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, кои се во државата во која кандидатот живее, најдоцна до 31 август 2026 година.

 

Пријавите кои ќе пристигнат по крајниот рок, како и некомплетните пријави, нема да бидат земени предвид.

 

5. Заинтересираните кандидати во прилог на пријавата треба да ги достават следните документи:

CV (кратка биографија) и мотивациско писмо со образложение зошто кандидатот сака да се образува во Република Северна Македонија, на кој факултет сака да студира и други две алтернативи за избор на друг факултет;

Извод од матичната книга на родените со впишана етничка определба како Македонец/Македонка. Доколку, од оправдани причини во изводот нема таква ознака, кандидатот е потребно да приложи друг документ со кој ќе го докаже своето етничко потекло;

Фотокопија од свидетелство за завршено четиригодишно средно образование со превод и објаснување кои оценки се соодветни на оценките во нашиот систем (т.е. одличен, многу добар, добар, доволен). ПОТСЕТУВАМЕ: се бара фотокопија со цел да не бидат спречени кандидатите да аплицираат на факултети во резидентните или други земји.

Министерството за образование и наука го задржува правото на избор на факултет од алтернативите наведени од страна на кандидатите во нивните пријави. Дополнително, треба да се има предвид дека не е овозможено право на избор на студентски дом за сместување и дека тоа е право исклучиво на Министерството за образование и наука. Исто така, кандидатите кои ќе се стекнат со стипендија потребно е лично да ги доставуваат документите за продолжување на правото за користење на стипендијата во МОН, согласно одредбите на договорот за стипендија.

Трошоците за нострификација на дипломите паѓаат на товар на студентите. Потребно е барањето за нострификација на документите да се поднесе најдоцна во рок од пет дена од објавувањето на конечната листа на добитниците на стипендијата до одделението за нострификација во МОН со цел навремено завршување на постапката и овозможување на следење на редовна настава. За подетални информации околу процедурата за нострификација упатуваме на официјалната страна на МОН www.mon.gov.mk мени: документи, подмени: нострификација.

 

5.Кандидатот кој ќе се стекне со право на стипендија ја користи стипендијата врз основа на склучен договор со Министерството за образование и наука со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски. Кандидатите се должни најдоцна до 30 октомври од секоја академска година (освен првата) да достават доказ до Министерството дека положиле најмалку 60% од предвидените испити од претходната академска година и дека се редовни студенти за да им се продолжи стипендијата.

 

6.Кандидатите кои се стекнале со право на стипендија ќе бидат известени од дипломатско-конзуларните претставништва на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во соодветните државни на кандидатите.

 

 

8.За подетално Информирање во врска со факултетите и студиските програми упатуваме на интернет страниците: www.ukim.edu.mk, www.uklo.edu.mk, www.ugd.edu.mk, www.uist.edu.mk,www.unite.edu.mk, www.unt.edu.mk.

 

Избраните кандидати кои ќе пристигнат во Република Северна Македонија подоцна од 10 дена од објавувањето на конечната листа на добитниците, ќе се смета дека се откажале од добиената стипендија.

Мени за пристапност