Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска: Стручното образование обезбедува сигурно вработување

Царовска: Стручното образование обезбедува сигурно вработување

 

Царовска: Стручното образование обезбедува сигурно вработување

 

Со години државата се бори со дефицитарните кадри за кои реалниот сектор постојано алармира и секој министер се обидува да даде свој придонес во оваа работа. Но, сега конечно кампањата „Учи паметно, работи стручно“ дава конкретен резултат. За прв пат креиравме конкурс кој не е напишан кабинетски, туку преку 19 теренски средби на локално ниво на кои заедно со општините, училиштата и реалниот сектор дискутиравме кои образовни профили треба да останат, кои да згаснат, а кои да се отворат како нови.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешното гостување во утринската програма на Националната радиотелевизија, каде една од темите на разговор беше унапредувањето на средното стручно образование, како образование на сегашноста и иднината, кон кое младите треба да се насочуваат.

Царовска потенцираше дека голем удел во подигнувањето на атрактивноста на средното стручно образование има реалниот сектор чии претставници присуствуваа на средбите по општините и кои беа мотивирани да склучуваат договори со училиштата за дуални паралелки, како поврзување кое влијае на локалната економија, но и на перцепцијата кај младите дека е значајно да останат во државата и дека оваа држава им нуди иднина преку стручно образование и брзо вработување.

„Ако младите завршат тригодишно или четиригодишно стручно образование и стекнат одредени вештини, тие можат директно да се вработат кај локален работодавач и да имаат солидни примања, а обично струките обезбедуваат повисоки примања од општото образование“, рече Царовска, додавајќи дека стручното образование обезбедува и добра основа за упис на некој од техничките факултети, имајќи предвид дека учениците од стручните училишта веќе ги совладале стручните предмети и имаат стекнато базично знаење кое во гимназија не може да се стекне.

Министерката потсети и дека за мотивирање на учениците да го одбираат средното стручно образование, за прв пат од новата учебна 2021/2022 година се воведуваат 2.200 стипендии за сите оние кои ќе се запишат во прва година во средно стручно училиште и од нив, 2000 стипендии во месечен износ од 3.500 денари ќе бидат наменети за ученици запишани во дуалните паралелки во четиригодишното образование, како и за ученици запишани во тригодишно образование, додека 200 стипендии ќе бидат наменети за ученици запишани во дефицитарни струки како електро-техничка, машинска, угостителско – туристичка и други.  

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar