Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Конкурс за доделување стипендии за академски студии од втор циклус во странство за академската 2024/2025 година

Конкурс за доделување стипендии за академски студии од втор циклус во странство за академската 2024/2025 година

 

 

Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управата ("Службен весник на Република Македонија" број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/10 и 51/11) и "Службен весник на Република Северна Македонија" број 96/19, 110/19, 154/19 и 121/24) член 52 од Законот за научно-истражувачка дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. бр.46/08, 103/08, 24/11, 80/12, 24/13, 147/13, 41/14, 145/15, 154/15, 30/16 и 53/16) и (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр 257/20 и 163/21), и член 4 од Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри (Службен весник на Република Македонијабр. 18/12, 64/13, 98/13, 70/14, 88/14, 74/15, 140/15 и   178/15) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 166/21), Министерството за образование и наука распишува

К  О  Н  К  У  Р  С

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКИ СТУДИИ ОД ВТОР ЦИКЛУС ВО СТРАНСТВО ЗА АКАДЕМСКАТА 2024/2025 ГОДИНА

 

            Министерството за образование и наука за академската 2024/2025 година ќе додели стипендии за академски студии од втор циклус во странство за студенти примени на академски студии од втор циклус на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на инженерството и технологиjaта, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното јавно и приватно право, економијата и бизнисот, физиката, биологијата, хемијата, науката за храна, науката за земјиште и води, компјутерските и информациските науки, електротехниката, електрониката и информациското инженерство, машинството, туризамот и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.

 

 I.УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА:

            Право на стипендија има кандидатот кој ги исполнува следните услови:

1.    Да има завршено академски студии од прв циклус во траење од три, односно четири години и постигнат просечен успех од најмалку 8,50 или да има нострифицирано диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,50;

2.    Да е примен на академски студии од втор циклус*, прв пат во прва година во академската 2024/2025 година на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на инженерството и технологиjaта, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното јавно и приватно право, економијата и бизнисот, физиката, биологијата, хемијата, науката за храна, науката за земјиште и води, компјутерските и информациските науки, електротехниката, електрониката и информациското инженерство, машинството, туризамот и генетиката** согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет;

3.    Да има доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата;

4.    Да не е корисник на стипендија од други даватели;

5.    Да е државјанин на Република Северна Македонија.

*Вкупниот број на кредити кои се стекнуваат на првиот и вториот циклус на универзитетските студии треба да  изнесува најмалку 300 ЕКТС кредити.

**Областите се дефинирани во Уредбата за утврдување на научно-истражувачките полиња од трето ниво (области) Уредба

 

II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:

·      Пријава;

·      Диплома за завршени академски студии од прв циклус и уверение за постигнат успех (заверени на нотар) или нострифицирана диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство;

·         Потврда од високообразовната установа дека кандидатот е примен првпат во прва година на академски студии од втор циклус во академската 2024/2025 година, од кога започнува семестарот и колку семестри траат студиите;

·          Уверение-потврда за активно познавање на јазик (TOEFL, IELTS, DELFT или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои дел од своето средно, односно високо образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата;

·         Своерачно потпишана изјава дека кандидатот не е корисник на стипендија за академски студии од втор циклус од други даватели (заверена на нотар).

·         Две препораки од универзитетски професори од установата/те во кои кандидатот се стекнал со додипломски студии од прв циклус и препорака од својот работодавач (доколку е во работен однос);

·         Мотивациско писмо;

·         Меница во форма на нотарски акт како средство за обезбедување на поврат на исплатените средства;

·         Уверение за државјанство на Република Северна Македонија.

 

            Документите кои се издаваат од институции од другите земји потребно е да бидат преведени на македонски јазик од соодветен овластен судски преведувач.

            Потребните документи за доделување на стипендиите за академските студии од втор циклус може да се доставуваат во оригинал или копии заверени на нотар.

            Уверението за државјанство на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука по службена должност го обезбедува од надлежниот јавен орган, согласно член 52, став 13 од Законот за научно-истражувачка дејност. 

 

III. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА:

На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 УСА долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на објавувањето на овој конкурс, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2024/2025 година (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Организацијата на Обединетите Нации).
              Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот.

  IV. ОБВРСКИ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ

            1.    Избраниот кандидат со договор се обврзува дека доколку ја добие стипендијата, за секоја година помината на студии во странство ќе работи две години во Република Северна Македонија. По завршувањето на студиите и враќањето во Република Северна Македонија кандидатот е должен шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високо-образовни и научни установи при што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации. Доколку во периодот од шест месеци на кандидатот не му е понудено соодветно вработување во органите на државната управа, државните високо-образовни и научни установи тој може да бара вработување во приватниот сектор во Република Северна Македонија.


            2.   Кандидатот ќе бидe ослободен од обврската да се врати во Република Северна Македонија по завршувањето на студиите, доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од Fortune top 500 листата во странство. Во ваквите случаи тoj можe да останe во странство максимум три години со цел стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што е обврзан да се врати во Република Северна Македонија и да ја одработи обврската специфицирана во обврската бр. 1.


            3.   Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите, да не се врати во Република Северна Македонија и не ја исполни обврската од точка 1, потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износ десет пати поголем од износот на стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите.

 

V. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ 

            Рокот за пријавување на кандидатите за користење на академски стипендии за студии од втор циклус во странство е најдоцна до 15.09.2024 година.

            Документите да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во странство) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk.

            Некомплетните документи и документите доставени по крајниот рок нема да се разгледуваат.

            Информации за условите и критериумите под кои ќе се доделуваат стипендиите можат да се добијат во Министерството за образование и наука.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar