Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / МОН одговара на најчесто поставувани прашања при аплицирање за субвенциониран студентски оброк

МОН одговара на најчесто поставувани прашања при аплицирање за субвенциониран студентски оброк

 

МОН одговара на најчесто поставувани прашања при аплицирање за субвенциониран студентски оброк

 

Министерството за образование и наука одговора на најчесто поставуваните прашања од страна на студентите при аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Целта е на сите заинтересирани да им се олесни процесот на пријавување и да ја искористат можноста што за прв пат се воведува во нашата земја, а која значи придонес кон унапредувањето на студентскиот стандард и ослободување на студентите од дел од секојдневните трошоци за живеење.   

Често поставувани прашања

1.Дали субвенциониран студентски оброк е наменет само за студенти што потекнуваат од социјално загрозени семејства?

Правото на субвенциониран студентски оброк можат да го остварат сите студенти (без разлика на материјалната состојба) кои ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик за оваа намена, односно лица:

-    Кои се државјани на Република Северна Македонија;

-    Кои се редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети;

-    Да не се во редовен работен однос;

-    Не се регистрирани како индивидуални земјоделци и

-    Кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година. 

2. Кои документи се потребни за аплицирање за субвенциониран студентски оброк?

Нема потреба од собирање документи. Аплицирањето се врши електронски на следниот начин: кандидатите треба да се пријават на https://e-uslugi.mon.gov.mk/. При пријавувањето, кандидатите треба да ги пополнат обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци  во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/.

3.Дали пријавата и изјавата што се задолжителни за аплицирање за субвенциониран студентски оброк треба да се пополнат и потпишат во печатена форма или може и во електронска ( Word )?

Пријавата за стекнување на право на субвенциониран студентски оброк и изјавата за точност на внесените податоци може да се пополнат и електронски, но се потпишуваат исклучиво во печатена форма, а потоа се прикачуваат во електронскиот систем.

4. Како да се направи проверка дека апликацијата е успешно поднесена и дека МОН ги добило сите документи кои се прикачени при аплицирањето?

По успешно аплицирање, секој апликант може самостојно да ја провери апликацијата преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk, во полето „Мои апликации“.

5.Електронското пријавување е неуспешно и по неколку обиди. Што треба да направи апликантот?

Начинот на аплицирање за субвенциониран студентски оброк линк е појаснет во видеото на следниот линк: https://www.facebook.com/watch/?v=416240029729436

6.Внесени се погрешни податоци при електронското аплицирање. Дали може да се направи корекција на апликацијата?

На порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk влегувате во полето „Мои апликации“, ја отворате конкретната апликација и вршите соодветни корекции.

7.На мојата дебитна картичка не е наведен бројот на трансакциската сметка. Што да направам?

На следниот линк има насоки за внесување на трансакциска сметка при пријавување за субвенциониран студентски оброк https://mon.gov.mk/content/?id=4174.

8. Дали на повикот за субвенциониран студентски оброк може да се пријават редовни студенти од 4та година, 8 семестар, кои сé уште немаат завршено?

Студенти кои нема да запишуваат следен семестар (апсолвенти) не можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк.

9. Дали студентите кои се корисници на стипендија по основ на запишани студиски програми по математика, хемија и физика имаат право да аплицираат за студентски оброк?

Студентите корисници на овој тип на стипендија немаат право да аплицираат за субвенциониран студентски оброк. Имено, овие студенти имаат приход поголем од нето минимална плата и тоа од 18.000 денари месечно во текот на целата академска година и оттука не го исполнуваат условот од јавниот повик:  да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година. 

10. Дали оваа помош ќе влијае на продолжувањето на стипендијата во септември-октомври?

Субвенциониран студентски оброк нема да влијае во продолжувањето на студентска стипендија освен ако сте корисник на студентска стипендија ТРЕТА група  подгрупите - математика, хемија или физика.

***************************

Субвенциониран студентски оброк е системско решение кое е дел од програмата за работа на Владата и на МОН и со кое значително се унапредува студентскиот стандард преку доделување на финансиска поддршка во месечен износ од 2400 денари за 9 месеци во годината. Јавниот повик за оваа намена е објавен на следниот линк.

Аплицирањето започна вчера и ќе трае до 31 август 2021 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.

По истекувањето на роковите за пријавување, Министерството за образование и наука ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат, а средствата ќе им се префрлаат на трансакциските сметки на студентите чии апликации се прифатени, на почетокот на секој месец.

Финансиската поддршка не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 14 септември.

Според пресметките, финансиска поддршка се предвидува за околу 40.000 студенти кои ќе го користат ова права, за што, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра. Студентите кои ќе го остварат правото, средствата ќе можат да ги користат за купување на добра и услуги кај сите трговци.

МОН обезбедува поддршка за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк,  преку Секторот за ученички и студентски стандард  и тоа на следните контакти: 075 276 310 Ќенан Сали (qenan.sali@mon.gov.mk), 076 485 023 Џемиле Ламалари (xhemile.lamallari@mon.gov.mk) или 070 622 853 Неше Мустафа (nese.mustafa@mon.gov.mk) или преку наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar