Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска на настан за образованието на помалку бројните етнички заедници: Наставниците се најважни во пренесувањето на знаењето на учениците

Царовска на настан за образованието на помалку бројните етнички заедници: Наставниците се најважни во пренесувањето на знаењето на учениците

 

Царовска на настан за образованието на помалку бројните етнички заедници: Наставниците се најважни во пренесувањето на знаењето на учениците

 

По повод Меѓународниот ден на наставниците, министерката за образование и наука Мила Царовска, денес се сретна со наставници и директори на училишта каде наставата се изведува јазиците на припадниците на помалку бројните заедници во државата. Царовска во своето обраќање на настанот во Скопје, ја истакна важноста и улогата на наставниците во образовниот процес, но и во развојот на децата. Министерката рече дека наставниците, без разлика од која етничка заедница доаѓаат, се најважни во овие процеси и се клучната алка во пренесувањето на знаењето на учениците.

 

„Нашата држава е убава затоа што е полна со различности, коишто создаваат една целина. Верувам во еднаквоста и моја лична определба и заложба е секое девојче и момче без разлика каде живее, низ образовниот систем, да се изгради во личност која ги почитува и негува граѓанските права, толеранцијата и различностите. Секое дете, прво треба да се описмени, да добие основно знаење, понатаму во животот кога ќе порасне да се остручи за да може да одговори на пазарот на трудот, но најважно од сé е да се образува и воспитува во духот на толеранцијата и на мултикултурализмот. Затоа сте ни потребни Вие наставниците кои умеете на своите ученици да им ги пренесете вистинските знаења и вредности“, рече Царовска.

 

Министерката посочи дека оваа учебна година е поразлична од другите поради пандемијата, но дека онлајн наставата и наставата со физичко присуство за децата од 1-3 одделение се одвива успешно, а учениците и наставниците се задоволни од понудениот модел.

 

„Со голема посветеност на директорите и наставниците за исклучително краток рок успеавме да ја организираме наставата во време на пандемија. Редовното одвивање на наставата е во интерес на учениците и нивниот развој. Затоа е неопходно да се обезбедат сите услови за непречено одвивање на образовниот процес и заеднички да се надминуваат предизвиците како што се стабилна интернет конекција и ИТ уреди за што МОН е во постојана комуникација со локалните самоуправи. Исто така ги повикувам учениците и наставниците коишто ја бојкотираат наставата веднаш да почнат со онлајн учење, бидејќи секој изгубен час е на директна штета на децата и нивниот развој“, рече Царовска.

 

Извршната директорка на ФООМ Фани Каранфилова-Пановска истакна дека Проектот обезбедува стипендии за вкупно 600 основци од најсиромашните ромски семејства, а  деновиве тече и заедничка кампања со Министерството за образование и наука насловена „Буква по буква испиши ја својата иднина“ со цврсто верување дека нема да дозволиме ниту едно дете да  остане надвор од образовниот систем.

 

„Последниве две години, преку проектот Образование на помалку бројните етнички заедници, во проектните училишта инвестиравме 250,000 долари во техничка опрема и дидактички материјали, но и дополнителни средства за обуки и техничка поддршка на наставниците, лектирни изданија, прирачници и други материјали на овие наставни јазици. Веруваме дека нашата поддршка ќе ги подобри условите за настава и учење на јазиците на помалубројните етнички заедници и дека ќе придонесе за нивно поквалитетно образование. Отсекогаш сме се труделе во рамки на нашите можности да одговориме и на актуелните предизвици во образованието, па така нé радува што успеавме да обезбедиме и 350 таблет уреди и интернет картички за учениците од овие училишта кои доаѓаат од социјално најзагрозените семејства, за да можат и тие да ја следат онлајн наставата“, рече Каранфилова-Пановска.

 

Настанот беше организиран по повод Меѓународниот ден на наставниците, како дел од проектот „Образование на помалку бројните етнички заедници“, чијшто ностител е Фондацијата Отворено Општество –Македонија.

 

Освен министерката Царовска на настанот зборуваа и извршната директорка на ФООМ Фани Каранфилова-Пановска, Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“, Давид Фрост професор на Волфсон колеџ на Универзитетот Кембриџ и други универзитетски професори, одделенски наставници и директори на училишта.

[ среда, 07 октомври 2020 ] [ 8287 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar