Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска и Шилегов на средба со градоначалниците, се интензивираат подготовките за успешен старт на учебната година

Царовска и Шилегов на средба со градоначалниците, се интензивираат подготовките за успешен старт на учебната година

 

Царовска и Шилегов на средба со градоначалниците, се интензивираат подготовките за успешен старт на учебната година

 

Се интензивираат подготовките за успешен старт на новата учебна 2020/2021 година, која согласно одлука на Владата треба да започне на 1 октомври. Во таа насока беше организирана и денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Скопје, а воедно и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов со градоначалниците на сите останати општини.

 

„Планот за започнување на училишната година кој го усвои Владата пред неколку дена има исклучоци и можности за флексибилност и комбинираност на наставата, затоа што во некои моменти условите го наложуваат тоа, а ќе зависи и од здравствената состојба, или на наставниците, или на учениците. Со градоначалниците разговараме за нивната подготвеност сите заеднички и наставниците и стручните служби во училиштата, директорите, родителите и учениците заеднички да организираме квалитетна наставата и во услови на пандемија. Ова е динамичен процес кој не нужно на истиот начин ќе се спроведува од почетокот до крајот на училишната година, поради тоа што во дадени моменти епидемиолошката слика ќе се менува и одлуките ќе се менуваат, согласно укажувањата на Министерството за здравство. Сметам дека не треба да бидеме исклучиви во позициите, или здравје, или образование, туку треба да постигнеме однос меѓу овие две права коишто ги имаат децата, за истовремено и да го заштитиме нивното здравје и воопшто здравјето на населението од друга страна да понудиме настава којашто ќе се одвива оваа година а ќе понуди квалитет. Токму затоа, Бирото за образование подготвува на кој начин ќе се врши оценувањето, валидацијата на стекнатите знаења и со онлајн и со настава со физичко присуство“, рече Царовска.

 

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов, рече дека општините, во рамките на материјалните и техничките можности со кои располагаат, треба да обезбедат оптимален старт на учебната година, почитувајќи ги Планот и протоколите.

 

„Денеска разговараме за сериозно и комплексно прашање, тоа е успешен старт на учебната година во услови на пандемија. Велам комплексно, затоа што не сите општини имаат еднакви технички и епидемиолошки услови за отпочнување на учебната година. Од друга страна, во самите општини не секаде се изедначени условите во училиштата, со цел отпочнување на училишната година на први октомври со целосно исполнување на Планот и протоколите. Затоа што е вака комплексно прашање, мораме да ги разјасниме сите нејаснотии што ги имаме ние како општини и основачи на училиштата од една страна и МОН, како организатор на образовниот процес, од друга страна, сé со цел да во вонредни услови најдеме доволно добро, не можам да кажам совршено решение, за отпочнување на училишната година и исполнување на обврските од страна на општините кои ги имаат, а пред сé се однесуваат на овозможување на почитување на протоколите како би го гарантирале здравјето на децата“, изјави Шилегов.

Институциите на системот предводени од Владата и Министерството за образование и наука веќе го усвоија Планот и протоколите за започнување на учебната година која ќе се реализира преку комбиниран модел, односно со организирање на учење од далечина со два исклучоци. Настава со физичко присуство ќе можат да следат учениците од прво до трето одделение во сите општини, како и учениците од оние основни и средни училишта кои ги исполнуваат условите наведени во протоколите и се лоцирани во општини каде епидемиолошката состојба го дозволува тоа. Но, крајната одлука ќе зависи од родителите/старателите на самите ученици кои треба да се изјаснат како нивното дете ќе ја следи наставата. 

[ петок, 04 септември 2020 ] [ 3892 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar