Министерство за образование и наука

  / Вести и настани / Царовска на средба со директорите на основните и средните училишта: Ако сите се вложиме ќе имаме успешна училишна година и во време на пандемија

Царовска на средба со директорите на основните и средните училишта: Ако сите се вложиме ќе имаме успешна училишна година и во време на пандемија

 

Царовска на средба со директорите на основните и средните училишта: Ако сите се вложиме ќе имаме успешна училишна година и во време на пандемија

 

Министерката за образование и наука Мила Царовска, денес се сретна со директорите на основните и средните училишта во државата со кои разговараше за примената на Протоколите и Планот за започнување на учебната 2020/2021 година кои Владата ги усвои вчера.

 

„Моделот ќе биде комбиниран, согласно условите во училиштата. Сепак, ова е динамички процес, дали ќе продолжиме на истиот начин или ќе треба некои работи да се менуваат ќе се оценува во текот на годината, согласно епидемиолошката состојба и насоките на Комисијата за заразни болести“, изјави Царовска.

 

Министерката побара сите да се заложат за успешно спроведување на наставата во услови на пандемија.

 

„На овие средби разговаравме на кој начин натаму ќе се спроведуваат насоките што МОН ги донесува како политики, затоа што директорите и градоначалниците се главната алка којашто треба да обезбеди спроведување на она што ние како Влада и Министерство го носиме. Затоа денеска ги повикав да бидат на висина на задачата, овој процес на подготовка сериозно да го сфатат и натаму да ги спроведуваат насоките кои што ги даваме“, изјави Царовска.

 

Царовска истакна дека дел од директорите се изјаснија дека се подготвени за физичко присуство, помали училишта коишто ќе побараат дозвола од Комисијата на Владата за да ги опфатат сите одделенија, а дел од поголеми училишта се подготвуваат за онлајн настава.

 

„Дигиталната платформа за онлајн настава е во подготовка и скоро ќе биде презентирана пред наставниците, кои ќе треба понатаму да ги вклучат и учениците во процесот на тестирање и вклучување во овој тип на настава. Сигурна сум дека со заеднички капацитети, ако сите зеднички вложиме максимални напори: децата, родителите, наставниците, директорите и градоначалниците, ќе имаме успешна учебна година, иако сме во период на пандемија што ни го менува начинот и на учење и на живеење“, рече Царовска.

 

Директорите на училиштата на средбата кажаа дека подготовките за старт на учебната година ги почнале уште во текот на летото, а сега ги продолжуваат согласно Протоколите и Планот за започнување на учебната година.

ОУ „Лазо Ангеловски“ од Општина Аеродром е подготвено за настава со физичко присуство за децата од 1-3 одделение, а паралелките ќе бидат поделени во две групи согласно протоколите. Само 15-20% од родителите се изјасниле дека нивните деца ќе следат онлајн настава.

 

„Школската година за сите одделенија ќе ја стартуваме со физичко присуство, бидејќи поголемиот дел од родителите се изјаснија за оваа опција, а училиштето има просторни услови. За децата чии родители побараа да следат онлајн настава имаме кадар обучен за предавања на далечина“, рече директорката Соња Јовановска од  ОУ „Лазо Трпевски“, Општина Карпош.

 

Директорката Матилда Бајкова, од ОУ „Аврам Писевски“ од село Бардовци истакна дека организираат комбиниран модел на настава.

 

„Подготвени сме од хигиенски аспект да одговориме на протоколите. Првите денови од октомври ќе ги искористиме за настава на отворено во училишниот двор. Ќе се соочиме со уште еден предизвик за учениците од социјално ранливи категории и ако се одлучат за онлајн настава ќе одиме со печатени материјали кои ќе бидат доставени до родителите, за добра комуникација“, рече Бајкова.

 

 

[ среда, 02 септември 2020 ] [ 2768 ]

 

Вести и настани

Back to top
Close Offcanvas Sidebar