Министерство за образование и наука

  / Конкурси / Kонкурс за доделување на студентски стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија за студиската 2020/2021 година

Kонкурс за доделување на студентски стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија за студиската 2020/2021 година

 

Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11 и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 110/19), член 51 од Законот за студентски стандард („Службен весник на Република Македонија” бр. 15/13, 120/13, 41/14, 146/15, 30/16, 178/16, 64/18, 20/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 124/19),  Одлука за доделување на стипендии на странски државјани од интерес за Република Северна Македонија бр. 44-692/1  („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/19), Министерството за образование и наука распишува

 

Kонкурс за доделување на студентските стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија за студиската 2020/2021 година

 

1. Се доделуваат 50 студентски стипендии на странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија, а се со македонско потекло и живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција), согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-6924/1 од 28.07.2020 година („Службен весник на РСМ" бр.124/19 од 28.07.2020 година").

 

2. Стипендијата се доделува за додипломски студии од прв циклус колку што се предвидени со статутот на високообразовната установа во Република Северна Македонија (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, Универзитет „Мајка Тереза“ Скопје и Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид).

 

3. На корисникот на стипендија целосно му се надоместуваат трошоците за студирање: уписнина, бесплатно сместување и исхрана во студентски дом, месечна стипендија, примарно здравствено осигурување, трошоци за издавање и продолжување на дозвола за привремен престој на странец заради студирање. Министерството за образование и наука определува во кој студентски дом ќе се смести кандидатот кој се стекнал со право на стипендија.

 

4. За подетални информации за условите и потребните документи за конкурирање, кандидатите можат да се обратат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во горенаведените држави. Пријавите и потребните документи се доставуваат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, кои се во државата во која кандидатот живее, најдоцна до 01 септември 2020 година.

 

Пријавите кои ќе пристигнат по крајниот рок, како и некомплетните пријави, нема да бидат земени предвид.

 

5. Заинтересираните кандидати во прилог на пријавата треба да ги достават следните документи:

 

CV (кратка биографија) и мотивационо писмо со образложение зошто кандидатот сака да се образува во Република Северна Македонија, на кој факултет сака да студира и други две алтернативи за избор на друг факултет;

Извод од матичната книга на родените со впишана етничка определба како Македонец/Македонка. Доколку, од оправдани причини во изводот нема таква ознака, кандидатот е потребно да приложи друг документ со кој ќе го докаже своето етничко потекло;

Фотокопија од свидетелство за завршено четиригодишно средно образование со превод и објаснување кои оценки се соодветни на оценките во нашиот систем (т.е. одличен, многу добар, добар, доволен). ПОТСЕТУВАМЕ: се бара фотокопија со цел да не бидат спречени кандидатите да аплицираат на факултети во резидентните или други земји.

Министерството за образование и наука го задржува правото на избор на факултет од алтернативите наведени од страна на кандидатите во нивните пријави. Дополнително, треба да се има предвид дека не е овозможено право на избор на студентски дом за сместување и дека тоа е право исклучиво на Министерството за образование и наука. Исто така, кандидатите кои ќе се стекнат со стипендија потребно е лично да ги доставуваат документите за продолжување на правото за користење на стипендијата во МОН.

Трошоците за нострификација на дипломите паѓаат на товар на студентите. Потребно е барањето за нострификација на документите да се поднесе најдоцна во рок од пет дена од објавувањето на конечната листа на добитниците на стипендијата до одделението за нострификација во МОН со цел навремено завршување на постапката и овозможување на следење на редовна настава. За подетални информации околу процедурата за нострификација упатуваме на официјалната страна на МОН www.mon.gov.mk мени: документи, подмени: нострификација.

 

6. Кандидатот кој ќе се стекне со право на стипендија ја користи стипендијата врз основа на склучен договор со Министерството за образование и наука со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски помеѓу давателот и корисникот на стипендијата.

 

7. Кандидатите кои се стекнале со право на стипендија ќе бидат известени од дипломатско-конзуларните претставништва на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, кои се во државата во која кандидатот живее.

 

8. За подетално Информирање во врска со факултетите и студиските програми упатуваме на интернет страниците: www.ukim.edu.mk, www.uklo.edu.mk, www.ugd.edu.mk, www.uist.edu.mk,www.unite.edu.mk, www.unt.edu.mk и www.mon.gov.mk.

 

Избраните кандидати кои нема да пристигнат во Република Северна Македонија до 10 октомври 2020 година, ќе се смета дека се откажале од добиената стипендија.

 

Лице за контакт во МОН е Ајтен Иљази: ajten.iljazi@mon.gov.mk

[ четврток, 20 август 2020 ] [ 3451 ]

 

Конкурси

Back to top
Close Offcanvas Sidebar